ПОЧЕТНИ АКТИВНОСТИ ЗА ВПИШУВАЊЕ НА ШАРЕНАТА ЏАМИЈА НА ТЕНТЕТЕВНАТА ЛИСТА НА УНЕСКО

На иницијатива на Националниот конзерваторски центар и Исламската верска заедница – Тетовско муфтиство, како и со позитивно мислење од Националниот совет за културното наследство, отпочна подготовката за впишување на „Верскиот комплекс Шарена џамија“ во Тетово на Тентативната листа на УНЕСКО, како прва фаза во изготвување на номинациско досие за впишување на Листата на светско населдтво на УНЕСКО.

За таа цел, со решение на министерот за култура и туризам, г. Седат Сулејмани, се формира Работна група во состав: м-р Зоран Павлов, историчар на уметноста, виш конзерватор и експерт за османлиското културно наследство во Македонија како координатор; м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл. инж. арх. – советник конзерватор; м-р Афет Јашари, државен советник за заштита на културното наследство од Министерството за култура и туризам; д-р Махмуд Емини, претставник на Тетовското муфтиство; како и м-р Луиза Невзати, дипл. инж. арх. – виш конзерватор и м-р Зарије Амдиу Реџеп, советник конзерватор за ѕидно сликарство во Националниот конзерваторски центар.

Во согласност со Конвенцијата за заштита на светското природно и културно наследство и Оперативниот водич за нејзина примена, Работната група посветено пристапи кон сите неопходни фази со цел изработка на потребната документација за подготовка на номинацијата со цел овој верски комплекс да го добие статусот кој со своите исклучителни архитектонско-уметнички вредности го заслужува.

Шарената џамија во Тетово е еден од најрепрезентативните верски објекти од исламската архитектура подигнати во XIX век на македонска територија. Покрај изобилството од живописни геометриски и флорални орнаменти, посебно внимание привлекува застапеноста на пејзажот со мотиви на изразито колоритно сликарство, што е редок пример, а се показател за западните влијанија во уметничкиот израз кои навлегле длабоко на територијата од Османлиската Империја. Сликарството во Шарената џамија е карактеристичен пример на единство на европските барокни, односно рококо влијанија со традиционалната османлиска естетика.

Верскиот комплексот е надополнет со турбето од отворен тип сместено непосредно до џамијата, подигнато најдоцна во првата половина на XVI век, што укажува на континуитетот на опстојување на овој комплекс во подолг временски период.

 

Подготвил: м-р Зоран Павлов, виш конзеватор за османлиско културно наследство

Фото: Љупчо Тануровски, документатор

NUNKC_Sharena_-4231

Image 5 of 8

You may also like...