Основање и дејност
Национална установа – Национален Конзерваторски Центар – Скопје е стручна институција од областа на културата, со статус матична институција, основана за вршење на дејноста – заштита на спомениците на културата. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 4 март 1949 година како Централен завод за заштита на културните споменици и природните реткости, со седиште во Скопје, а денешното име го носи од 1960. На 14 мај 2004 година извршена е пререгистрација во Национална установа – Републички Завод за заштита на спомениците на културата Скопје.
Во НУ-РЗЗСК е обединето вршењето на три групи функции: функција на матичност, функција на надлежен завод за подрачјето на 34 од 84 општини во Републиката во кои не се основани локални заводи и функции на завод за конзервација и реставрација на спомениците на културата.
Како матична установа, НУ-РЗЗСК ги има следните надлежности: да ја унапредува методологијата на работата во областа на заштитата и да издава стручни упатства; да врши стручен надзор над локалните заводи (Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Струмица), да ја координира нивната работа и да им укажува стручна помош; да врши стручен надзор над конзерваторско – реставраторските работи на другите установи за заштита на спомениците на културата, да се грижи за стручно усовршување на кадрите во областа на заштитата на спомениците на културата во Република Македонија и др.
Како надлежен завод за заштита на спомениците на културата на подрачјето од општините каде што не се основани локални заводи, НУ-РЗЗСК ги врши следните функции: 1) Матични функции: води матична евиденција; врши стручна контрола на конзерваторски проекти изработени од националните установи за заштита; врши конзерваторски надзор над изведувањето на непосредна заштита од страна на националните установи за заштита; ја координира работата на установите за заштита и им укажува стручна помош; се грижи за унапредување на дејноста; се грижи за усовршување на стручните кадри; поднесува предлози и дава стручни мислења; врши работи на централна лабораторија за физичко хемиски анализи; врши работи на централна информативна служба; врши и други матични функции, 2) Стручни работи на заштита од исклучително значење: води основна евиденција; ги проучува, истражува и со научни методи ги обработува прашањата во врска со заштитата; изработува стручни елаборати за валоризација и ревалоризација; изработува заштитно конзерваторски основи; врши археолошки истражувања на објектите што се предмет на конзервација; врши конзерваторски истражувања и други истражувачки работи; изработува конзерваторски проекти; врши стручна контрола на конзерваторските проекти изработени од други овластени правни и физички лица; врши и организира изведување на конзерваторско реставраторски и други работи на непосредна заштита, уредување и презентација; врши конзерваторски и друг вид стручен надзор над спроведувањето на мерките за заштита; врши стручни експертизи и процена на штета; дава стручна помош на имателите; издава публикации и врши популаризација; врши означување на недвижни добра; изработува документација.
Како интегрален дел на основната дејност, НУ-РЗЗСК врши издавање на стручно – научни популарни публикации за спомениците на културата и нивната заштита преку едицијата Културно – историско наследство на Република Македонија, како и популаризација и презентација на споменичкото наследство, а има и богата меѓународна соработка.
НУ-РЗЗСК ги води централните евиденции за недвижните споменици на културата и врши прибирање, средување, чување и издавање на документацијата за културното наследство преку посебна ИНДОК служба. Во надлежност на заводот се и матични, управни и други јавни овластувања.
Според своите активности и овластувања воспоставени со закон, НУ-РЗЗСК има стручен потенцијал од разновидни специјалности и области. НУ-РЗЗСК располага и со експерти за:
конзервација и реставрација на античка, класична и средновековна археологија;
конзервација и реставрација на сакрална и профана архитектура;
конзервација и реставрација на икони, фрески, мозаици, дрвена резба, камена и дрвена пластика и маслена техника;
физичко – хемиски, биохемиски истражувања и анализи.
Многумина од професионалните конзерватори своето знаење го усовршуваа со специјализација во: Меѓународниот центар за проучување на заштита и реставрација на културното наследство ICCROM во Рим, Италија; конзервација на икони во Москва, Санкт Петербург и Киев.
НУ-РЗЗСК со финансиска помош на ЕУ и ФАРЕ Програмата за развој на културата, располага со модерно опремена конзерваторско – хемиска лабораторија, единствена од таков вид на Балканот кој што овозможува:
детекција на причинителите за оштетување, т.е. мерење на физичките параметри во кои што опстојува споменикот (температура, влага, осветлување);
идентификација на сликарските и градежните материјали од кои што е направен споменикот и дијагностицирање на настанатите промени и деструкции;
овозможување на физичка постапка на конзервацијата преку изведување на сложени конзерваторски зафати (раслојување на иконописот, отстанување на преслики, чистење на лакот) и изработка на документација за целиот процес.
Лабораторијата располага со инструменти кои овозможуваат нај-оптимални климатски услови, соодветни на условите во коишто егзистирале спомениците на културата и овозможува етаблирање на НУ-РЗЗСК во редот на водечките заводи за заштита на спомениците на културата, според конзерваторскиот кадар со кои располага и според стандардот на опремата којашто ја поседува.
Посебни остварувања:
регистрирање на 24350 икони, 4200 археолошки локалитети, 1760 цркви и манастири, 1200 објекти од античката архитектура и повеќе од 400 други објекти и локалитети од различни видови и периоди:
валоризација на 1300 места од културно – историско значење:
конзерваторско – реставраторски работи на архитектура од поширок волумен на 200 недвижни споменици на културата, особено на црквите: Св.Софија – Охрид, манастирот Св.Јован Бигорски – Ростуша, Св.Ѓорѓи – с.Курбиново, Св.Ѓорѓи – с.Старо Нагоричане, Лесновски манастир – с.Лесново, Полошки манастир, манастирот Св.Пантелејмон – с.Горно Нерези, Вардарски Рид -Гевгелија, Стоби – Градско итн:
реконструкција на црквата во манастирот Подластва во близина на Будва -Црна Гора и др.;
конзервација на икони од Охридската галерија на икони, струшката колекција на икони од Музејот на Македонија и др;
археолошки истражувања и конзервација врз мозаиците во Стоби, Баргала и др.;
конзервација на дрворезот на кралската палата во Варшава – Полска, дислокација на фреските од манастирот Пивка – Црна Гора;
изложби на македонското културно наследство во Париз, Лондон, Токио, Ватикан, Белгија, Шведска и др;
издавање публикации преку едицијата, Културно – историско наследство на Р.Македонија.