ЗАШТИТА НА САКРАЛНАТА УМЕТНОСТ: КОНЗЕРВАЦИЈА И РЕСТАВРАЦИЈА НА ПРОЦЕСИСКИТЕ КРСТОВИ ОД БИГОРСКИОТ МАНАСТИР

Објавен е меѓународниот научен зборник Monumentet 64/2025. Materialet e Konferencës Ndërkombëtare Shkencore I (Тирана, 2026), во кој се застапени истражувањата и резултатите презентирани на Меѓународната научна конференција „60 years of study & conservation ARCHAEOLOGY – ARCHITECTURE – ART“, организирана од тиранскиот Национален институт за културно наследство и одржана на 21 и 22 октомври 2025 година во Тирана, Р Албанија.

Во зборникот е објавен трудот Safeguarding Sacred Art: Conservation and Restoration of the Processional Crosses from Bigorski Monastery, од д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство и м-р Невенка Величковска, сликар, советник конзерватор – стручен работник за конзервација на икони во Ателјето за икони, Сектор за конзервација и реставрација во Националниот конзерваторски центар – Скопје. 

Трудот произлегува од конзерваторските истражувања и конзерваторско-реставраторските работи на четири процесиски крстови од богатата милениумска ризница на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител. Во текот на 2023 година, стручниот тим на Националниот конзерваторски центар – Скопје изврши непосредна заштита на два од процесиските крстови, кои по завршувањето на работите беа вратени во Бигорскиот манастир. Конзерваторско-реставраторските активности на преостанатите два крста продолжија во наредниот период, а со нивното враќање во манастирот во јули 2026 година беше заокружен процесот на конзервација и реставрација на сите четири процесиски крстови од манастирската збирка. Четирите процесиски крстови претставуваат значајна целина во богатата збирка на Бигорскиот манастир, а стилската и хронолошка поврзаност со други дела од манастирската ризница овозможува нивно согледување во поширокиот контекст на уметничкото и културното наследство.

Овој труд е уште еден резултат од континуираната стручна работа и научно-истражувачка дејност на Националниот конзерваторски центар – Скопје и потврда на значењето на поврзувањето на конзерваторската практика со истражувањето, документацијата и научната интерпретација. Истовремено, тој придонесува кон размената на стручни знаења и искуства и кон поголемата меѓународна видливост на македонското културно наследство.

Библиографски податоци:

Spahiu Janchevska J., Velichkovska N., Safeguarding Sacred Art: Conservation and Restoration of the Processional Crosses from Bigorski Monastery, Monumentet 64/2025. Materialet e Konferencës Ndërkombëtare Shkencore I, Tiranë 2026, 182–194.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

 

008

Image 8 of 8

You may also like...