Завршија обемните теренски конзерваторски истражувања во Полошкиот манастир (III)

На 9 јули 2026 година завршија теренските конзерваторските истражувања во Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи. Стручните тимови на Националниот конзерваторски центар ги реализираа предвидените активности во согласност со утврдената оперативна програма и динамика, така што паралелно се спроведуваа истражувања и на архитектурата и на ѕидното сликарство.

Во текот на истражувањата беа извршени проби на ѕидното сликарство, детално евидентирање на оштетувањата, (фото)документирање на состојбата и следење на резултатите од изведените проби за чистење. Посебно внимание беше посветено на појавата на соли, нечистотии и други деградациски процеси кои влијаат врз зачуваноста на ѕидното сликарство, како и на состојбата на малтерните слоеви и нивната поврзаност со носечката структура. Истовремено, продолжија и истражувањата на архитектурата, кои опфатија и дополнителни мерења, снимања и обработка на теренските податоци, неопходни за изработка на комплетна документација за состојбата на објектот. Во исто време се вршеше систематизирање на податоците, резултатите од истражувањата и фотодокументацијата со цел нивна натамошна стручна анализа и обработка.

Последниот ден од истражувањата Полошкиот манастир го посети директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски. За време на посетата тој оствари работна средба со членовите на стручните тимови и непосредно се запозна со текот на истражувањата, реализираните активности и првичните сознанија произлезени од теренската работа.

Раководителките на проектите, д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор и м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл. инж. арх. – советник конзерватор, го информираа директорот Јорданоски за спроведените истражувања и активности, за состојбата на културното добро и за натамошните чекори предвидени во процесот на подготовка на проектната документација. Во рамки на посетата директорот оствари непосреден увид во тековните истражувања, како и во дел од документацијата што се изработува на терен. Резултатите од интердисциплинарните истражувања ќе претставуваат основа за подготовка на проектите за конзервација и реставрација, со кои ќе се дефинираат идните мерки за заштита. Воедно, беа разгледани и прашања поврзани со натамошната реализација на активностите и обезбедувањето услови за продолжување на процесот на заштита на црквата Св. Ѓорѓи.

Особено значаен придонес во реализацијата на теренските истражувања имаат членовите на стручните тимови: м-р Владо Муковски, сликар – советник конзерватор, Орхан Османи, графичар – конзерватор, м-р Луиза Невзати, дипл. инж. арх. – виш конзерватор и д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста – советник документатор. Со висок степен на професионалност, стручност и посветеност тие ги реализираа предвидените активности во специфичните услови на теренската работа, обезбедувајќи континуирано и квалитетно спроведување на истражувачките, документациските и аналитичките постапки. На теренските активности им се приклучи и проф. д-р Сергеј Чурилов, градежен инженер, кој изврши стручен увид во состојбата на објектот и се вклучи во активностите поврзани со согледувањето на конструктивните карактеристики и состојбата на градбата. Нивниот ангажман претставува најзначаен придонес и предуслов за успешно спроведување на интердисциплинарните истражувања и за изработката на проектите за конзервација и реставрација.

Искрена благодарност заслужува настојателката на манастирот, монахињата Магдалена, чија срдечност, несебична помош и исклучително гостопримство овозможија стручните тимови да работат во најдобри можни услови. Таа со голема грижа и одговорност го води секојдневниот живот на манастирот, посветувајќи се на неговото уредување, одржување и функционирање. Нејзината пожртвуваност, длабока приврзаност кон светилиштето и искрена грижа се препознаваат во секој сегмент од манастирскиот живот. Благодарение на нејзиниот неуморен труд и внимание, Полошкиот манастир продолжува да живее како активно духовно средиште и како место каде што со особена љубов и почит се негува повеќевековното духовно, културно и уметничко наследство.

Кабинетските и лабораториски истражувања продолжуваат и во наредниот период, а добиените резултати ќе овозможат поцелосно согледување на состојбата, вредностите и потребните мерки за заштита на црквата, создавајќи цврста основа за нејзино долгорочно зачувување и соодветна презентација.

Во наредните објави ќе бидат претставени текот на канцелариските и лабораториски истражувања, добиените резултати и процесот на изработка на проектите за конзервација и реставрација.

Продолжува…

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

001

Image 1 of 32

You may also like...