ОБЈАВЕН Е ТРУДОТ „КУЛТУРАТА ВО ДОКУМЕНТИТЕ ОД СТРАТЕШКИ КАРАКТЕР“ ОД М-Р АЛЕКСАНДАР ЈОРДАНОСКИ

Објавен е Зборникот на трудови од Деветтата меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“ (Штип, 2026), во издание на Факултетот за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, под уредништво на д-р Наташа Митева, декан на Факултетот. Во зборникот се застапени научни и стручни трудови посветени на актуелни прашања од областа на туризмот, бизнисот, економијата, културата и сродните области.

Во зборникот е објавен трудот „Културата во документите од стратешки карактер“ од м-р Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар – Скопје.

Трудот претставува анализа на содржината на Националната стратегија за развој на културата 2026–2030, како стратешки документ кој нуди опсежна анализа на состојбите во културата во РС Македонија. Преку критички и аналитички осврт се разгледуваат институционалната поставеност и функционалноста на културниот систем, моделите на финансирање, рационализацијата на установите и процесот на децентрализација.

Посебно внимание е посветено на заштитата на културното наследство, интегрираната заштита, дигитализацијата, недостигот од стручен кадар и потребата од надминување на долгогодишните проблеми поврзани со документацијата. Во трудот се разгледуваат и можностите за економско активирање на културното наследство преку туризмот, концесиите, јавно-приватните партнерства и културните и креативните индустрии, како и прашањата поврзани со даночната политика, инвестициите, законската регулатива и улогата на македонскиот јазик како дел од културниот и идентитетскиот континуитет на државата.

Во посебен дел се разгледува и состојбата со објектите од културното наследство кои со години остануваат без соодветна заштита. Увидите извршени од стручните лица на Националниот конзерваторски центар – Скопје во последниве години укажуваат на забрзана деградација на дел од овие објекти, особено во руралните средини, каде што нивната заштита е дополнително отежната поради ретката населеност. Посочувајќи ја потребата од јасно утврдување на состојбата и приоритетите, трудот укажува и на значењето на систематското планирање и соодветното буџетирање на активностите за заштита на културното наследство.

Објавувањето на трудот во зборникот од Деветтата меѓународна научна конференција претставува придонес кон отворањето и продлабочувањето на стручната дискусија за состојбите, предизвиците и можностите за развој на културниот сектор, со посебен акцент на заштитата и одржливото користење на културното наследство.

Библиографски податоци:

Јорданоски А., Културата во документите од стратешки карактер, Зборник на трудови од Деветтата меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“, Факултет за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Штип 2026, 258-265.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

Фотографии: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

004

Image 4 of 7

You may also like...