Работна посета во Разловци во пресрет на 150-годишнината од Разловечкото востание

На 30 март 2026 година, министерот за култура и туризам, г. Зоран Љутков, заедно со директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски и стручниот тим, остварија работна посета на Спомен-домот на Разловечкото востание во Разловци, место каде историјата не е само сведоштво, туку живо сеќавање.
Посетата беше насочена кон увид во тековните конзерваторско-реставраторски активности, како и кон интензивирање на подготовките за достојно одбележување на значајниот јубилеј – 150 години од Разловечкото востание, настан кој претставува еден од клучните моменти во македонската револуционерна историја и борбата за слобода.
Во рамките на теренските активности, делегацијата ја посети и црквата Св. Константин и Елена во Разловци, значајно духовно и културно-историско наследство од XIX век. Стручните лица д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор и м-р Владо Муковски, сликар, советник конзерватор, го презентираа историјатот на храмот и ѕидното сликарство.
Особено внимание беше посветено на сликарската програма, во која се претставени и портретите на четворицата ктитори, редок и значаен пример на визуелен документ, меѓу кои се издвојува ликот на поп Стојан, духовен водач и еден од главните иницијатори и предводници на Разловечкото востание. Покрај него се насликани и неговите соработници Цоне Спасев, Стоил Ѓорѓов и Стоил Ковач. Овие претстави не само што ја збогатуваат уметничката вредност на црквата, туку и ја нагласуваат нејзината директна врска со историските случувања и локалната заедница.
Со ваквите активности, установата ја потврдува својата примарна дејност и посветеност кон заштита, проучување и афирмација на културното наследство, како темел на националниот идентитет и колективната меморија.
Во духот на колегијалноста и почитта, стручниот тим му го одбележа и му го честита роденденот на директорот м-р Александар Јорданоски, заокружувајќи ја посетата со пригоден и топол гест.
Разловци, во пресрет на големиот јубилеј, сè појасно се профилира како значајна точка на историската и културна мапа, каде минатото и сегашноста се среќаваат во служба на иднината.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: Игор Кузмановски, Јехона Спахиу Јанчевска

Razlovci_002

Image 2 of 20

You may also like...