ЕДНА ГОДИНА ВИЗИЈА, ПОСВЕТЕНОСТ И РЕЗУЛТАТИ – НОВО ПОГЛАВЈЕ ВО РАЗВОЈОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР

На 22 јули 2026 година се наврши една година од именувањето на м-р Александар Јорданоски за директор на Националниот конзерваторски центар – Скопје, матична национална установа во областа на истражувањето, проектирањето, конзервацијата и заштитата на недвижното културно наследство. Овој период претставува можност за осврт кон реализираните активности, постигнатите резултати и промените што придонесоа за натамошно зајакнување на улогата на установата во заштитата, конзервацијата, реставрацијата и афирмацијата на културните добра.

Во текот на изминатите дванаесет месеци, Националниот конзерваторски центар реализираше бројни активности насочени кон унапредувањето на стручната работа, подобрувањето на условите за работа и јакнењето на институционалниот капацитет. Работењето беше водено од јасна визија која подразбира современа, функционална и видлива институција, активен носител на процесите за заштита на културното наследство и релевантен чинител во оваа дејност.

Особено внимание беше посветено на внатрешната организација и подобрувањето на условите за работа. Во насока на унапредување на внатрешното функционирање на установата, беа интензивирани постапките за усогласување и модернизација на нормативната рамка. Се работеше на подготовка и ажурирање на систематизацијата на работните места, усогласување на Статутот на установата, како и на изработка и ревидирање на правилниците и интерните акти со цел обезбедување поефикасна организација на работните процеси, поголема правна сигурност и јасно дефинирани надлежности и одговорности во работењето. Со цел јакнење на институционалните капацитети, се преземаат активности и за кадровско зајакнување на установата преку вработување нов стручен кадар и пополнување на дел од дефицитарните работни места, со што ќе се создадат подобри услови за реализација на тековните и идните програмски активности.

Паралелно со тоа, по многу долг временски период, се пристапи кон расчистување, уредување и ослободување на простории кои со децении не биле соодветно користени, како и подобра организација на работните простори. Се работеше и на уредување на магацинските простории и депоата, подобрување на условите за чување на документацијата и материјалите, како и создавање пофункционална работна средина за вработените. Значајни активности беа реализирани и во рамките на комплексот на установата. Уредени беа дворното пространство, паркингот и подземниот паркинг, во соработка и со Општината Чаир и со ЕВН Македонија, со што значително се подобрија пристапноста, безбедноста и секојдневното функционирање. Овие зафати, иако не секогаш видливи за јавноста, претставуваат важен предуслов за ефикасно работење и долгорочен развој на установата.

Во изминатиот период Националниот конзерваторски центар беше присутен на терен повеќе од кога било. Беа создадени реални предуслови за поконтинуирана и поефикасна теренска работа преку подобрување на организацијата, обезбедување редовно одржување и функционалност на службените возила, како и подобра логистичка поддршка на стручните тимови. Ваквиот чекор произлезе од континуираниот ангажман на директорот, м-р Александар Јорданоски, за создавање подобри услови за работа и за унапредување на процесите поврзани со истражувањето, проектирањето и непосредната заштита. Создадените услови овозможија значително поинтензивна реализација на теренските истражувања и конзерваторско-реставраторските зафати.

Реализирани беа бројни стручни увиди, конзерваторски истражувања, заштитни археолошки ископувања, проектирања и конзерваторско-реставраторски зафати и интервенции на недвижното културно наследство. Посебно место меѓу нив заземаат заштитните активности поврзани со црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Лешочкиот манастирски комплекс, археолошки теренски работи за потребите на ЈП Хидросистем „Злетовица“ и Спомен-домот на Разловечкото востание во Разловци. Значајни резултати беа постигнати и во областа на конзервацијата и реставрацијата на недвижноста по намена преку непосредната заштита на голем број иконописни дела и иконостасни конструкции (црква Св. Спас во Ногаевци; Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, Св. Ахил Лариски во Требиште итн.), особено на оттуѓените икони, а потоа пронајдени во Р Албанија.

Истовремено со непосредната заштита, установата работи на спроведување конзерваторски истражувања со цел изработка на проекти за архитектурата и ѕидното сликарство на Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи на Тиквешкото Езеро, како и на проекти за заштита на Јокширскиот и Аргуличкиот мост во Кратово. Во тек се и конзерваторските истражувања за реконструкција на објектот Старо училиште во Подвис, Кичево и Саат-кулата во Тетово, додека во доменот на валоризацијата и управувањето со наследството се изработуваат елаборати за Старата пошта во Тетово и црквата Св. Илија во Стенче, но и планови за управување со Старото градско јадро на Кратово во соработка со Општината Кратово и Музејот на град Кратово и Споменичката целина Горно Врановци во соработка со Општината Чашка и Народниот музеј – Велес. На овој начин Националниот конзерваторски центар дејствува истовремено на полето на истражувањето, проектирањето, непосредната заштита и долгорочното управување со културното наследство.

Исклучително значаен успех претставува обновата и свеченото отворање на Спомен-домот на Разловечкото востание во пресрет на одбележувањето на 150-годишнината од тој историски настан. Свеченото отворање се одржа во присуство на претседателот на македонската Влада, проф. д-р Христијан Мицкоски и министерот за култура и туризам, што дополнително го потврди значењето на овој проект за државата и за заштитата на националното културно наследство. Со реализацијата на конзерваторско-реставраторските активности, овој значаен меморијален објект повторно беше ставен во функција и вратен на граѓаните како место на сеќавање, едукација и културна афирмација. Проектот претставува еден од највидливите и најзначајните резултати во работењето на Националниот конзерваторски центар во изминатиот период и потврда за неговата улога во заштитата и зачувувањето на културното наследство. Со неговата успешна реализација беше потврден стручниот капацитет на установата за подготовка и спроведување на сложени конзерваторско-реставраторски зафати на недвижните културни добра.

Постигнатите резултати претставуваат и плод на заедничката работа и посветеноста на дел од кадарот на установата, чија висока стручност, професионален интегритет, долгогодишно искуство и одговорен пристап овозможија успешно спроведување и на најсложените истражувачки и конзерваторско-реставраторски зафати. Нивното знаење, стручност, посветеност и подготвеност за работа и во сложени теренски услови претставуваат темел врз кој се гради успешното функционирање и континуираниот развој на установата. Особено треба да се истакне дека меѓу вработените се вбројуваат врвни експерти, етаблирани авторитети во своите професионални области, како и стручни кадри кои со својата работа, резултати и континуиран развој сè поуспешно го потврдуваат својот потенцијал.

Во насока на зајакнување на стручноста и квалитетот на работата беше формиран и Стручен совет на Националниот конзерваторски центар, како советодавно тело кое придонесува за разгледување на прашањата од областа на заштитата на културното наследство и кон понатамошен развој на стручната дејност. Посебно внимание се посветува и на континуираното стручно усовршување на вработените преку учество на обуки, работилници, семинари и други форми на едукација во земјата и странство, со цел следење на современите конзерваторски практики, примена на нови методи и понатамошно унапредување на професионалните компетенции на кадарот.

Покрај реализацијата на сопствените проекти и задачи, установата обезбедува и континуирана стручна помош, насоки и поддршка за други институции од областа на заштитата, музеи, локалната самоуправа, црковни и верски институции, како и за бројни субјекти вклучени во процесите на истражување, конзервација и управување со културните добра. Воедно, беа воспоставени и продлабочени повеќе форми на институционална соработка преку потпишување меморандуми за соработка со сродни институции и организации, со што се создадоа дополнителни можности за размена на искуства и знаења.

Во изминатиот период, директорот м-р Александар Јорданоски оствари бројни работни средби со министри, владини претставници, пратеници, градоначалници, директори на национални и локални установи, како и со претставници на верските заедници, научни и стручни институции, домашни и меѓународни организации и други чинители од значење за заштитата на културното наследство. Овие средби беа насочени кон унапредување на меѓуинституционалната соработка, обезбедување поддршка за реализација на стратешките приоритети на установата, координација на заеднички проекти и иницијативи, како и кон афирмација на значењето на културното наследство како национален интерес. На тој начин дополнително беше зацврстена позицијата на Националниот конзерваторски центар како матична национална установа и релевантен партнер во креирањето и спроведувањето на политиките во областа на заштитата на културното наследство.

Особено значајно е што во 2026 година, за првпат во работењето на Националниот конзерваторски центар, реализацијата на годишната програма се одвива преку систем на делегиран буџет од страна на Министерството за култура и туризам. Досегашните резултати покажуваат успешно управување со овој модел на финансирање од страна на директорот Јорданоски, навремена реализација на програмските задачи и одговорно користење на расположливите средства, што претставува дополнителна потврда за институционалниот капацитет на установата. Истовремено, со реализацијата на тековните активности, интензивно се работи и на подготовка на Нацрт-годишната програма за работа за 2027 година, со цел навремено планирање на идните проекти, обезбедување континуитет во заштитата на културното наследство и понатамошно јакнење на улогата на установата како матична национална институција во оваа област.

Покрај непосредната заштита на културното наследство, во изминатата година значително беше зголемена и јавната видливост на Националниот конзерваторски центар. Преку редовно информирање на јавноста, презентација на реализираните активности, организирање на стручни настани и учество на научни конференции и собири, установата ја доближи својата работа до пошироката јавност и придонесе кон поголемо разбирање на значењето на наследството и особено конзерваторската дејност и професија.

Посебно внимание беше посветено и на меѓународната афирмација на македонското културно наследство преку учество на меѓународни научни конференции, собири и претставувања во земјата и во странство, каде што беа презентирани резултатите од истражувањата и проектите реализирани од страна на дел од вработените во установата. Исто така, Националниот конзерваторски центар беше домаќин на стручни посети и работни средби со еминентни домашни и странски експерти од областа на заштитата на културното наследство, при што беа разменети искуства и современи пристапи во конзерваторската дејност. На тој начин, Националниот конзерваторски центар дополнително ја зацврсти својата позиција како релевантна научна и стручна институција во регионот.

Изминатата година покажа дека заштитата на културното наследство не се одвива само на археолошките локалитети, во црквите, манастирите, џамиите, амамите, историските објекти итн. Таа започнува и во самата институција преку создавање подобри услови за работа, подобра организација, јасни приоритети и професионален пристап. Токму затоа резултатите од овој период не се мерат само преку реализирани активности и проекти, туку и преку создадените предуслови за уште поуспешна работа во иднина.

Една година подоцна, Националниот конзерваторски центар продолжува со јасна визија, нова енергија и силна посветеност кон својата мисија. Под раководство на м-р Александар Јорданоски, установата го продолжува процесот на модернизација, стручност, професионалност и афирмација, останувајќи доследна на својата основна задача – проучување, заштита и зачувување на културното наследство како непроценливо богатство за сегашните и идните генерации. Изминатата година беше година на интензивна работа, промени и конкретни резултати. Но, пред сè, беше година во која Националниот конзерваторски центар покажа дека со посветеност, визија и заеднички труд може успешно да одговори на предизвиците на современото време и да продолжи да биде еден од стожерните чинители за заштита на културното наследство.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

082

Image 83 of 83

You may also like...