ПЛАН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО СПОМЕНИЧКАТА ЦЕЛИНА „СЕЛО ГОРНО ВРАНОВЦИ“ – ОПШТИНА ЧАШКА

На 30 јуни 2026 година, директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, заедно со Тања Мишковска, дипл. инж. арх. – виш конзерватор, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Чашка, Суат Шаќиров и претставникот од општината, Лидија Пљакова, директорот на Народниот музеј – Велес, м-р Ангел Коруновски и д-р Анита Василкова Мидоска, кустос советник – археолог во  музејот.

 

Тема на состанокот беше изработката на План за управување со споменичката целина „Село Горно Врановци“, кој е дел од Годишната програма за работа за остварување национлен интерес во културата за 2026 година на Националниот конзерваторски центар, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, а по задолжение од Управата за заштита на културното наследство од 2025 година.

 

На средбата директорот ги презентираше одредбите од Законот за заштита на културното наследство кои се однесуваат на Планот за управување, а со кои се одредуваат надлежностите на сите правни субјекти вклучени во  управувањето со споменичката целина, како и можностите и условите за јавно приватно партнерство, концесии, вршење на стопанска дејност во заштитено добро и користење име или облик на културно наследство за комерцијални цели. Притоа, ја истакна важноста за изработка и промоција на овој плански документ, со кој ќе се обезбедат соодветни услови за заштита на доброто и ќе се дефинираат конкретни цели за управување, вреднување и истакнување на историските, меморијалните и амбиенталните вредности на  споменичката целина  „Село Горно Врановци“ и нејзиниот потенцијал за развој на локалниот туризам.

 

На состанокот беа дефинирани  и насоките за натамошните активности за изработка на планот за управување, во согласност со надлежностите и интересите на сите инволвирани страни.

 

„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, основан со решение на Президиумот на АСНОМ. Првиот број е објавен на 29 октомври 1944 година во селото Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, претворена во музеј. Првиот број, кој имал 8 страници, излегол во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија, и претставувал прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик. Вториот број бил отпечатен во Битола, а од третиот (22 ноември) се печати и излегува во Скопје.

 

Подготвила: Тања Мишковска, дипл. инж. арх. – виш конзерватор

ПЛАН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО СПОМЕНИЧКАТА ЦЕЛИНА „СЕЛО ГОРНО ВРАНОВЦИ“ - ОПШТИНА ЧАШКА

You may also like...