Историски чин за зачувување на македонското културно наследство: Свечено отворен обновениот Спомен-дом на Разловечкото востание во Разловци
Во присуство на претседателот на Владата на РС Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, г. Зоран Љутков, директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски, како и директорот на делчевскиот Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров“, г. Златко Начовски, на 19 мај 2026 година во с. Разловци свечено беше отворен обновениот Спомен-дом на Разловечкото востание, еден од најзначајните симболи на македонската револуционерна историја и борбата за слобода.
На свеченоста присуствуваа бројни претставници од стручната и научната фела, директори на национални и локални установи од областа на културата и заштитата на културното наследство, јавни личности, како и голем број граѓани, кои со своето присуство придонесоа за достоинствено одбележување на овој значаен јубилеј.
Настанот се одржа во годината кога се одбележуваат 150 години од Разловечкото востание (1876–2026), јубилеј што претставува потсетник на непокорот, жртвата и стремежот кон слобода на македонскиот народ. Обновениот Спомен-дом повторно ги отвори своите врати како простор на сеќавање, достоинство и трајна грижа за културното наследство.
Директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, ги претстави реализираните конзерваторско-реставраторски зафати и ја истакна важноста од зачувувањето на објектите што претставуваат темели на националниот историски идентитет. Тој нагласи дека возобновувањето на Спомен-домот не претставува само обнова на еден објект, туку чин на историска одговорност и цивилизациска зрелост, преку кој се афирмира грижата за сопственото минато како предуслов за достоинствено градење на иднината.
Обновувањето на Спомен-домот е и јасна потврда за подготвеноста и посветеноста на Националниот конзерваторски центар, но и на другите установи, да ја чуваат историјата, да ја почитуваат и да ја пренесуваат на идните генерации. Заштитата на културното наследство претставува трајна, благородна и одговорна мисија, но и обврска кон духовните и историските вредности врз кои е изграден македонскиот идентитет.
Проектот е реализиран од Националниот конзерваторски центар, во рамки на Годишната програма за остварување национален интерес во културата за 2026 година, со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам, а претставува и дел од владините приоритети во областа на заштитата на културното наследство.
Автор на проектот за објектот е проф. д-р Георги Константиновски (1930 – 2020), додека автор на Основниот проект за конзервација и реставрација е Ѓурѓица Лековска, дипл. инж. арх. – советник конзерватор. Во процесот на конзерваторско-реставраторските работи учествуваат м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл. инж. арх. – советник конзерватор и Игор Кузмановски, дипл. инж. арх. – конзерватор. Конзерваторскиот надзор го врши Константин Димитровски, дипл. инж. арх. – советник конзерватор, додека градежниот надзор го реализира Ѓорѓи Аспровски, дипл. град. инж. Конзерваторското одобрение е издадено од Управа за заштита на културното наследство, а изведувач на работите е компанијата Изградба – комерц ДООЕЛ.
Делегацијата ја посети и црквата Св. Константин и Елена во Разловци, значајно духовно и културно-историско наследство од XIX век, каде д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор го презентираше историјатот на храмот и ѕидното сликарство. Посебно внимание беше посветено на портретите на четворицата ктитори поп Стојан, Цоне Спасев, Стоил Ѓорѓов и Стоил Ковач, редок визуелен историски документ што сведочи за поврзаноста на храмот со Разловечкото востание и со локалната заедница, зачувувајќи го споменот за личностите што оставиле длабока трага во македонската револуционерна историја.
Со обновувањето на Спомен-домот на Разловечкото востание, Националниот конзерваторски центар уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон заштитата, зачувувањето и афирмацијата на македонското културно и историско наследство, оставајќи траен белег во одбележувањето на овој значаен национален јубилеј.
Разловци со овој настан се профилира и впишува како значајна точка на историската и културна мапа, каде минатото и сегашноста се среќаваат во служба на иднината, отворајќи нови можности за културен развој, промоција и унапредување на регионот.
Подготвиле: м-р Александар Јорданоски и д-р Јехона Спахиу Јанчевска
Фотографии: Љупчо Тануровски
Нова Македонија В И Д И
delchevo365.mk В И Д И





