Конзервацијата на живописот во црквата Св. Богородица, село Лешок
Според Годишната програма за заштита на културното наследство за 2025 година завршена уште една фаза на конзервацијата на живописот во црквата Св. Богородица, село Лешок, каде е откриен трет, најстар слој на фрески.
Конзерваторско-реставраторските работи се под раководство на советник конзерваторот за ѕидно сликарство Глигорчо Мукаетов, а во состав на стручниот тим се: м-р Дарко Николовски – историчар на уметност, советник конзерватор, Орхан Османи – конзерватор на мозаик и м-р Елеонора Панзова – конзерватор за ѕидно сликарство. При конзерваторско-реставраторските работи на живописот, во 2023 година стручниот тим откри трослоен живопис. Најстариот кој е фрагментарно зачуван е трет слој на живопис во пределот на апсидата. Станува збор за откривање два фрагменти едниот дел е од свиток на архиереј со дел од ореол, додека другиот фрагмент е во пределот на ѓакониконот каде откриен е лик на архиереј Св. Кирил Александриски.
Во оваа фаза се работеше на повеќе позиции на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата.
Се интервенираше на централниот дел од апсидата, при што се направија сонди и се откри делумно претстава на Богородица Ширшаја од 17 век. Се изврши консолидација на набабрените делови од фреските и се интервенираше со конзерваторски кит, а се направи и ретуш на одредени партии.
Во делот на јужната конха се изврши раслојување на живописот од 19 век, при што се откри фреска од 17 век со претставата Деисис – иконата на молитвеното застапништво каде Богородица и св. Јован Претеча стојат покрај Христос седнат на престол.
На ѓакониконот, каде претходно е пронајдена фреската на св. Кирил Александриски, под стариот кит е пронајдн печатена претстава на хартија со ликот на Богородица.
Извршена е и интервенција на целото цокле во олтарниот дел со цел зацврстување и консолидација на фрагментите од фрескоживописот.
Подготвила: м-р Елеонора Панзова
Фотографии: м-р Елеонора Панзова





