РАБОТНА ПОСЕТА НА ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ ПРИ СОБРАНИЕТО НА РС МАКЕДОНИЈА ВО НАЦИОНАЛНИОТ КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР – СКОПЈЕ

На 25 ноември 2026 година, членови на Комисијата за култура и туризам при Собранието на РС Македонија, пратеничките Велика Стојкова Серафимовска и Лидија Петкоска, како и Елена Давчева Стојановска, советник во Комисијата за култура и туризам, остварија работна посета на Националниот конзерваторски центар – Скопје, во рамките на активностите на Работната група за посета на институции од областа на културата.

На средбата, директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, заедно со д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство и м-р Владо Муковски, сликар – советник конзерватор и раководител на Секторот за конзервација и реставрација, ги запознаа присутните со дејноста, организациската поставеност, стручните капацитети и надлежностите на установата.

Во рамките на посетата беше презентирана работата на секторите, особено специјализираните ателјеа за конзервација и реставрација на ѕидно сликарство и мозаик, икони, дрвена и камена пластика и штафелајно сликарство. Членовите на Комисијата имаа можност непосредно да се запознаат и со работата на Физичко-хемиската лабораторија, Информативно-документацискиот центар (ИНДОК), специјализираната библиотека и останатите просторни и технички капацитети во кои се одвиваат стручните активности на установата. Посебен акцент беше ставен на широкиот опсег на дејноста на Националниот конзерваторски центар, кој опфаќа истражување, проучување, документирање, изработка на проекти, елаборати за (ре)валоризација, заштитно-конзерваторски основи и услови, стручна контрола, надзор и особено реализација на непосредната заштита. Беа споделени и информации за тековните проекти, досегашните резултати, предизвиците во работењето и потребите за континуирано унапредување на стручните и техничките капацитети на установата.

Во фокусот на разговорот беше и Предлог-националната стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2027–2031 година, која е во собраниска процедура. Во таа насока беа разменети стручни мислења, сугестии и коментари во однос на предложените решенија, како и актуелни прашања поврзани со функционирањето на Националниот конзерваторски центар и унапредувањето на системот за заштита на културното наследство.

Работната посета претставуваше можност за непосредно запознавање со специфичноста на конзерваторската дејност, условите во кои се реализираат сложените стручни, односно конзерваторско-реставраторски процеси, како и со кадровските, просторните и техничките предуслови неопходни за континуирано и квалитетно остварување на задачите на Националниот конзерваторски центар – Скопје како матична национална установа во областа на заштитата на недвижното културно наследство.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

Фотографии: Љупчо Тануровски

Извори:

https://www.sobranie.mk/ns-newsarticle-komisijata-za-kultura-i-turizam-vo-poseta-na-nacionalniot-konzervatorski-centar.nspx

https://vesti.alfa.mk/chlenovi-na-sobraniskata-komisija-za-kultura-i-turizam-vo-poseta-na-nacionalniot-konzervatorski-centar/?fbclid=IwdGRjcAV00Z1jbGNrBXTRl2V4dG4DYWVtAjExAHBkb2YFc3J0YwZhcHBfaWQMMzUwNjg1NTMxNzI4AAEfCvhjUbsFvr5rGSV1TIR9pyYCwQwp3bMxoWZ8-FTbw9cB6v0Hg8db-1ICNtE_aem_RCqW6jxi1E8D4V_PhCKI9Q

https://centar.mk/blog/2026/11/25/komisijata-za-kultura-i-turizam-vo-poseta-na-natsionalniot-konzervatorski-tsentar/

 

NUNKC_-3243

Image 14 of 15

You may also like...