ЗАВРШИ КОНЗЕРВАЦИЈАТА И РЕСТАВРАЦИЈАТА НА 20 ИКОНИ ИЛЕГАЛНО ИЗНЕСЕНИ ВО Р АЛБАНИЈА И ВРАТЕНИ ВО РС МАКЕДОНИЈА

Националниот конзерваторски центар – Скопје успешно ја заврши конзервацијата и реставрацијата на дваесетте икони кои беа илегално изнесени во Р Албанија, а потоа вратени во РС Македонија. Иконите потекнуваат од цркви во регионот на Струга (селата Радожда и Селци), регионот на Битола (селото Ѓавато) и општината Ресен (селото Долно Перово).

Носител на конзерваторските истражувања, изработката на конзерваторскиот проект и неговата реализација е Националниот конзерваторски центар – Скопје. Целокупниот процес, кој ги опфати конзерваторските истражувања, изработката на проектот и непосредната заштита на иконите, се одвиваше во период од две години. Конзерваторскиот проект беше завршен во ноември 2024 година, по што започна неговата реализација во лабораторијата на Националниот конзерваторски центар – Скопје. Конзерваторско-реставраторските работи се реализираа под раководство на м-р Невенка Величковска, сликар – конзерватор советник, заедно со стручниот тим, додека историчар на уметноста беше м-р Дарко Николовски.

Паралелно со завршувањето на овој процес, започнати се интензивни активности за враќање на преостанатите икони кои сè уште се наоѓаат во Р Албанија. Во нив се вклучени стручните лица од Националниот конзерваторски центар: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – конзерватор советник, д-р Валентина Поцеска, сликар – конзерватор советник и д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста, документатор советник, како и претставници од Министерството за култура и туризам и Управата за заштита на културното наследство.

Се надеваме дека процесот на враќање на преостанатите икони, а потоа и нивната конзервација и реставрација, ќе биде успешно реализиран, следејќи го примерот на овој значаен проект.

По повод завршувањето на конзервацијата и реставрацијата на дваесетте икони, ТВ Алфа реализираше прилог посветен на овој значаен проект, во кој за процесите, стручната работа и значењето на преземените активности за заштита зборуваа директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски и раководителката на конзерваторско-реставраторските работи, м-р Невенка Величковска.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

Погледнете го прилогот на:

https://www.youtube.com/watch?v=rVQTtDfEnGw

7

Image 9 of 12

You may also like...