ЗАШТИТАТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ФОКУСОТ: РАБОТНА ПОСЕТА НА МИНИСТЕРОТ СЕДАТ СУЛЕЈМАНИ ВО НАЦИОНАЛНИОТ КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР

На 9 септември 2026 година, министерот за култура и туризам, г. Седат Сулејмани, оствари работна посета на Националниот конзерваторски центар – Скопје, каде што се сретна со директорот м-р Александар Јорданоски.

На средбата присуствуваа д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – конзерватор советник и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство и м-р Владо Муковски, сликар – конзерватор советник и раководител на Секторот за конзервација и реставрација.

Во рамки на посетата, директорот м-р Александар Јорданоски ја презентираше специфичната дејност на Националниот конзерваторски центар, неговата организациска поставеност, секторите и одделенијата, како и работните простории, со посебен акцент на специјализираните ателјеа за ѕидно сликарство и мозаик, за икони, за дрвена и камена пластика и за штафелајно сликарство, Информативно-документацискиот центар (ИНДОК), Физичко-хемиската лабораторија и библиотеката. Во текот на средбата, директорот го запозна министерот и со работата, тековните проекти и стручните активности што се реализираат во областа на истражувањето, документирањето, конзерваторското проектирање, конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство.

Посебно внимание беше посветено на реализацијата на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2026 година, како и на планирањето и утврдувањето на приоритетите за наредната и следните годишни програми, со цел континуирано и систематско финансирање и спроведување на проектите за заштита на културното наследство.

Во разговорот беа отворени и прашањата поврзани со потребата од зајакнување на стручниот кадар и натамошно унапредување на кадровските капацитети на Националниот конзерваторски центар. Беше истакнато дека обезбедувањето соодветен и стручно профилиран кадар е од особено значење за успешно реализирање на сложените конзерваторско-реставраторски зафати, како и за зачувување на институционалното знаење и континуитетот во стручната работа.

Воедно, директорот Јорданоски го запозна министерот Сулејмани со досегашните резултати на установата, организацијата на стручната работа и потребите за подобрување на условите за реализација на проектите, а беше разговарано и за можностите за унапредување на техничките и материјалните услови за работа, неопходни за современо и ефикасно спроведување на конзерваторско-реставраторските активности.

Работната посета претставуваше можност за непосредна размена на информации за состојбите и потребите во областа на заштитата на недвижното културно наследство, со посебен акцент на создавањето услови за континуирана стручна работа, реализација на планираните проекти, обезбедување континуирано финансирање и поддршка од Министерството за култура и туризам, како и јакнење на капацитетите на Националниот конзерваторски центар како матична национална установа во областа на заштитата на недвижното културно наследство.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

Фотографии: Виктор Ирвин Иванов, фотограф

NUNKC_-6

Image 6 of 13

You may also like...