Резултати од конзерваторски истражувања и непосредна заштита објавени во меѓународен зборник

Излезе од печат зборникот посветен на чл.-кор. проф. д-р на науките по уметност Иванка Гергова. Книгата „Историята на изкуството като призвание“ / „Историјата на уметноста како професија“ содржи научни трудови посветени на една од најистакнатите современи научнички во бугарската историја на уметноста, проф. д-р Иванка Гергова, член-кореспондент на Бугарската академија на науките. Книгата е објавена по повод нејзиниот 70-ти роденден и обединува истражувања од различни области на хуманистичките науки (историја на уметноста, историја, филологија, културна антропологија, фолклористика и др.).

Автори на трудовите се научници од Бугарија, РС Македонија, Грција, Србија, Полска, Романија, Русија итн. Изданието е подготвено од тим на Институтот за истражување на уметноста при БАН.

Во книгата е објавен и труд на д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во Националниот конзерваторски центар – Скопје.

Насловот на трудот е „Иконите и иконостасот од црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во Младо Нагоричане“. Трудот е резултат на конзерваторските истражувања спроведени со цел изработка на проектите за конзервација и реставрација. Овие активности и особено непосредната заштита беа целосно и успешно реализирани од стручниот тим на Националниот конзерваторски центар – Скопје, во периодот од 2018 до 2023 година.

Конзерваторските истражувања, изработката на проектите за конзервација и реставрација, како и непосредната заштита поради бројноста на делата, обемноста на зафатите и сложеноста на работите беа поделени во три фази во времетраење од пет години. Раководител на конзерваторските истражувања и на проектите беше д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор, додека раководител на непосредната заштита беше м-р Невенка Величковска, сликар, советник конзерватор. Во реализацијата на активностите учествуваа и други лица, а покрај членовите на стручниот тим, сите вклучени се поименично наведени во трудот. Зафатите се извршени со согласност и благослов од Неговото Високопреосвештенство, митрополитот кумановски и осоговски г. д-р Григориј (Настески) од Кумановско-осоговската епархија. Активностите се реализирани со финансиски средства одобрени и доделени од страна на Министерството за култура и туризам.

Конзерваторските истражувања и особено непосредната заштита се крунисани токму со овој труд посветен на иконостасната конструкција и иконите од црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во Младо Нагоричане. Високата иконостасна конструкција се состои од три зони, на кои се поставени иконите. Над централниот премин е испишана годината 1872 и името на епитропот Крсте Аџин. На дел од иконите се зачувани натписи од кои се дознаваат имињата на приложниците, како и потписите на двајцата дебарски зографи Вено и Зафир, кои ги насликале иконите меѓу 1868 и 1873 година.

Покрај учеството на овој зографски тандем, на одредени икони се забележува раката, односно сликарскиот јазик на уште тројца зографи, што сугерира дека на иконостасот работеле вкупно пет зографи во различни временски периоди. Дел од иконите ги атрибуиравме на браќата Петар и Анастас (Наце) Николови од Велес, додека петтиот зограф сметаме дека е Теодосиј од Велес. Иконостасот бил изработуван и комплетиран во временски период од 1868 до 1884 година.

Објавувањето на овој труд во меѓународен научен зборник претставува значаен придонес за заштитата, проучувањето и валоризацијата на уметничкото наследство од XIX век на територијата на Македонија. Воедно, трудот ја потврдува улогата на Националниот конзерваторски центар – Скопје како водечка и матична национална установа во областа на заштитата на културното наследство, чија стручна и научна работа резултира со нови сознанија и нивна афирмација во меѓународниот научен простор.

 

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: Игор Кавкалески, Невенка Величковска, Јехона Спахиу Јанчевска

Раководителките во текот на конзерваторските истражувања

Image 2 of 28

You may also like...