TAIEX, современите методи за чистење и конзервација на ѕидното сликарство.

Во Порта Македонија денеска беше отворена втората експертска мисија TAIEX, посветена на современите методи за чистење и конзервација на ѕидното сликарство.

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, во своето обраќање истакна дека оваа мисија претставува значаен чекор во унапредувањето на методологијата, стандардите и практиките во заштитата на културното наследство. Таа посочи дека во време на многубројни современи предизвици, ваквите форми на меѓународна соработка се од суштинско значење – како за размена на добри практики, така и за создавање одржливи модели за развој на институциите.

„Министерството ја препознава важноста на оваа мисија и силно ја поддржува нејзината реализација. Вложувањето во експертиза, стручен кадар и континуирана едукација на нашите конзерватори е најдобрата инвестиција во иднината на нашето културно наследство“, истакна Ѓоргова.

Таа упати благодарност до експертите од Европската Унија за несебичното споделување на знаењето, како и до домашните институции и професионалци кои со посветеност работат на заштитата на културните вредности. Оваа соработка, како што подвлече, не значи само размена на информации, туку и градење доверба, професионален развој и долгорочни партнерства.

Мисијата се очекува да придонесе за унапредување на техничките протоколи, развој на нови пристапи и зголемена ефикасност во практичната конзерваторска работа на терен, со што ќе се обезбеди поголема заштита, зачувана автентичност и негувана културна меморија.

На крајот државниот секретар Ѓоргова истакна дека Министерството за култура и туризам останува посветен партнер во процесите на модернизација, дигитална трансформација и европеизација на секторот, со јасна цел – силна, професионална и современа културна политика која ги штити највредните сведоштва на македонската историја и идентитет.

Превземено од Министерство за култура и туризам линк

TAIEX-001

Image 13 of 33

You may also like...