Oтпочнување работи на непосредна заштита на конакот во Лешочкиот манастирски комплекс

На 3 ноември 2025 година, директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, заедно со м-р Цветанка Хаци Пецова, дипл. инж. арх., раководител на сектор и надворешниот стручен соработник Ристо Петковски, дипл. инж. арх., конзерватор советник, остварија работна посета во манастирскиот комплекс Св. Атанасије во Лешок, Општина Теарце, кој претставува значајно културно наследство и најголем духовен центар во Полошкиот Регион.

Директорот Јорданоски со својот тим беше официјално пречекан од страна на имателот на заштитеното културно добро МПЦ – ОА, Тетовско-гостиварска епархија, претставувана од свештените лица: протоерејите Марјанчо Мадевски,  Ѓорѓи Сламков и отецот Илија Сламков.

Главната цел на посетата беше отпочнувањето со конзерваторско-реставраторските интервенции на Стариот конак во Лешочкиот манастир, изграден во 1883 година. Со својот репрезентативен архитектонски изглед и импозантни димензии (габарит и височина од П+2 ката), овој објект зазема доминантна позиција во границите на споменичката целина од религиозен карактер.

Од страна на конзерваторскиот надзор Ристо Петковски, назначен со Решение од Управата за заштита на културното наследство, беше извршено воведување на изведувачот во работа. Работите ќе бидат изведувани од страна на градежната фирма „Дон Холдинг“ ДООЕЛ -Скопје,избрана преку успешно спроведена тендерска постапка и склучен Договор за јавна набавка со Националниот конзерваторски центар – Скопје.

Во рамки на седмата фаза се предвидени заштитни интервенции кои во најголем обем се однесуваат на третман на фасадите: ѕидање на ѕид од внатрешната страна за зајакнување на постојните периметрални бондручни ѕидови низ двете нивоа на конакот, обнова/реконструкција на декоративните фасадни елементи, финална обработка на архитектонско-конструктивните делови кај главната влезна партија на конакот, како и изработка и вградување на комплетна фасадна столарија (вкупно 116 дрвени прозорци од различен тип и формат, изработка на надворешна масивна дрвена влезна врата и други фасадни работи согласно договорните обврски со фирмата).

Наведените работи за непосредна заштита на Стариот конак во Лешочкиот манастир ќе се реализираат со целосна финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.  За оваа намена се одобрени финансиски средства во износ од приближно 6.000.000,00 денари, со предвидена динамика на реализација како двегодишна програмска активност на Националниот конзерваторски центар – Скопје (2025/2026 година).

 

Подготвила: м-р Цветанка Хаџи Пецова,

Фотографии: Мартин Ристевски

Leshok_012

Image 12 of 14

You may also like...