Континуитет и посветеност во заштитата на црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане (работна посета)

На 31 октомври 2025 година директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, заедно со м-р Цветанка Хаџи Пецова и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, остварија работна посета на црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, еден од највпечатливите и најзначајни репрезенти на средновековното културно, уметничко и духовно наследство на македонска територија. На ова исклучително значајно недвижно добро се изведува непосредна заштита на архитектурата, поточно на фасадниот камен, како и на монументалното ѕидно сликарство.

Раководител на конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата е м-р Цветанка Хаџи Пецова, архитект, советник конзерватор, додека со непосредната заштита на ѕидното сликарство раководи м-р Владо Муковски, сликар, советник конзерватор. Во стручниот тим за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство учествува и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор, а во тимовите се вклучени и други стручни лица од Националниот конзерваторски центар – Скопје.

На директорот Јорданоски му беше презентирана историјата и значењето на црквата, како и текот на конзерваторско-реставраторските работи, со посебен осврт на применетите методи и сложените процеси на непосредната заштита. Овие активности се произлезени од конзерваторските истражувања и изработката на проектите за конзервација и реставрација на архитектурата, на ѕидното сликарство, на камениот иконостас и фреско-иконите и на надгробните камени споменици, реализирани во рамките на Директниот грант за проектот „Конзервација и ревитализација на културно-туристичкиот комплекс „Св. Ѓорѓи“ – Старо Нагоричане“, финансиран од Европската унија.

Работите на терен претставуваат континуитет на долгогодишните активности и напори за заштита и презентација на недвижното културно наследство, при што се потврдува високото ниво на стручност, одговорност и посветеност во зачувувањето на автентичноста и уметничката вредност на ова културно добро од исклучително значење.

Сите наведени активности и зафати се реализираат во рамки на Годишната програма за работа за 2025 година на Националниот конзерваторски центар – Скопје, финансирана од Министерството за култура и туризам.

 

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: Мишко Тутковски, Јехона Спахиу Јанчевска, Александар Симоновиќ, Никола Мартиновски (дрон)

nagorichane_-19

Image 23 of 26

You may also like...