Посета на поранешниот вработен конзерватор за ѕидно сликарство, Славчо Соколовски

Во Националниот конзерваторски центар – Скопје, на 29 октомври 2025 година, беше во посета поранешниот вработен конзерватор за ѕидно сликарство, Славчо Соколовски. Тој беше дел од колективот на установата до 2000 година, по што својата професионална кариера ја продолжува во Бостон, Масачусетс (САД), каде што живее и активно работи во областа на конзервацијата, реставрацијата и современата уметност.

Славчо Соколовски е конзерватор и современ уметник со повеќедецениско меѓународно искуство, кој во својата богата биографија вклучува соработка со реномирани институции како Museum of Fine Arts – Boston, Harvard University, MIT и National Park Service. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (1986) и специјализирал на York University, Обединето Кралство (1996) во областа на конзервацијата на историски градби. Работел како виш конзерватор за ѕидно сликарство во тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата (сега НКЦ – Скопје), каде учествувал во бројни конзерваторско-реставраторски зафати на ѕидно сликарство, икони и мозаик. Неговото професионално портфолио во САД опфаќа голем број проекти во рамките на Harvard University, Massachusetts Institute of Technology, Boston Public Library, како и конзервација на уметнички дела, јавна скулптура и архитектонски елементи за јавни и приватни колекции.

Средбата беше реализирана со директорот на НКЦ – Скопје, м-р Александар Јорданоски, во присуство на м-р Цветанка Хаџи Пецова, архитект, советник конзерватор и раководител на сектор и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор.

Посетата на Соколовски претставува значаен момент за установата, имајќи предвид дека тој во минатото беше дел од тимовите кои работеа на некои од најзначајните и најсложените конзерваторско-реставраторски зафати во земјата и надвор, а неговото долгогодишно меѓународно искуство претставува вреден придонес за современите конзерваторски практики.

Во рамките на средбата се разговараше за значењето на континуитетот и преносот на знаењето во конзерваторската дејност, како и за можностите за поттикнување, стимулирање и обука на идните генерации конзерватори преку практични примери, професионално менторство и соработка. Во таа насока, беше нагласена и потребата од поддршка на ваквите иницијативи преку фондови и фондации кои промовираат развој, едукација и меѓународна размена во областа на заштитата на културното наследство.

 

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: Јана Абаџиева Дечева; приватна архива (НВ)

slavco_-4

Image 5 of 5

You may also like...