Специјализиран тридневен тренинг за јакнење на капацитетите во борба против криминалите против културното наследство, Мадрид, Шпанија
Претставник на НУ Национален конзерваторски центар – Скопје зема учество на специјализираниот тридневен тренинг за јакнење на капацитетите во борба против криминалите против културното наследство, Мадрид, Шпанија.
Д-р Сања Ивановска Велкоска, номиниран претставник од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, како дел од шест-члената делегација номинирана од Република Северна Македонија учествуваше на „Специјализираниот тридневен тренинг за јакнење на капацитетите во борбата со криминалитетот против културното наследство на земјите од Западен Балкан“, што се одржа во Мадрид, Шпанија во периодот од 24. до 26. февруари 2025 година. Оваа обука е дел од Проектот „Борба против недозволената трговија со културни добра во Западен Балкан“, финансиран од Европската комисија (DG NEAR/DG EAC) и имплементиран од УНЕСКО преку Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа (Венеција) и седиштето во Сараево.
Тридневната обука во Мадрид, како специјализирана тренинг-програма се одржа како продолжување на досегашните активности во која учествуваа 30 активни чинители во борбата со криминалитетот врз културното наследство, кои доаѓаат од земјите на Западен Балкан. Организацијата е повторно на УНЕСКО, во соработка со шпанската Гардија Сивил.
Со оваа работилница во Мадрид, покрај тоа што се разменија искуства на државите учесници во борбата со нелегална трговија со културното наследство, туку се иницираше и создавање на платформа на меѓусекторска соработка. Тоа е од исклучително значење за Република Северна Македонија, особено од аспект на подготовката на нова регулатива за заштита на културното наследство, како и од аспект на создавање на интерсекторска мрежа на сите чинители кои имаат надлежности во борбата со криминалитетот против културното наследство.
Исто така, учеството на овие работилници ја покажа важноста од создавање на посебна организациона единица во рамките на Министерството за внатрешни работи која ќе биде специјализирана за сите аспекти на спречување на криминалитетот против културното наследство.