ДРЖАВНА НАГРАДА „23 ОКТОМВРИ“ ВО РАЦЕТЕ НА ПРОФ. Д-Р ВИКТОР ЛИЛЧИЌ-АДАМС

Со добивањето на престижната државна награда „23 Октомври“ за 2026 година, официјално е валоризиран повеќедеценискиот научен пат и непрекинатата посветеност на проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс кон македонската археологија и културното наследство. Низ својата богата кариера како истражувач, универзитетски предавач и врвен професионалец, тој длабоко се впиша во темелите на националната научна мисла. Богатата библиографија, неговото неприкосновено и страсно познавање на фортификациите и археолошката топографија, како и неговата теренска активност и менторска посветеност на бројни генерации, претставуваат непроценлив придонес за систематското документирање и толкување на нашето минато и клучни столбови во развојот на заштитата на македонското и светското културно наследство.

Од особено значење е неговиот моќен печат оставен врз институционалната соработка со Националниот конзерваторски центар. Преку своето длабоко знаење, визија и стручен ангажман, проф. д-р Лилчиќ-Адамс директно придоне институциите за заштитата на културното наследство да се издигнат како вистински стожер во истражувањето, заштитата и презентирањето на културното наследство на Македонија.

Ова високо државно одликување претставува апсолутно заслужена потврда за неговиот животен труд, но воедно и ја истакнува суштинската важност на науката во зачувувањето на нашиот колективен идентитет.

Kолективот на Националниот конзерваторски центар упатува најсрдечни честитки до проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, со длабока благодарност за сето она што го направи за македонската наука, за градењето на заштитата на културното наследство и за едукацијата на генерации млади експерти.

Честитки за ова големо и заслужено признание, драг професоре!

Подготвила: д-р Сања Ивановска Велкоска, археолог, советник конзерватор

Фотографии: Фејсбук профил Viktor Lilcik Adamsen

You may also like...