СЕ ВРАЌА АВТЕНТИЧНОСТА НА СТАРИОТ КОНАК ВО ЛЕШОШКИОТ МАНАСТИР ОД ПРОСВЕТИТЕЛОТ КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ
На 3 април 2026 година директорот на Национаниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, беа во работна посета на Стариот конак во манастирскиот комплекс Св. Атанасиј во Лешок со цел непосреден увид на тековните конзерваторско-реставраторските работи.
Работите се одвиваат рамките на седмата фаза од проектот. Се работи континуирано, со утврдена динамика и во целосна согласност со одобрената проектна документација. Станува збор за сложен процес кој претставува продолжение на претходно отпочнатите активности за стабилизација и заштита на објектот.
Во овој момент се изведуваат ѕидарски интервенции на фасадните ѕидови, при што се реализира внатрешен конструктивен сендвич-ѕид, составен од керамички блок и термоизолациски слој од минерална волна со дебелина од 15 см. Овој систем е механички поврзан со постојниот ѕид преку анкери вградени во малтерските споеви, со што се обезбедува конструктивно зајакнување, но и подобрување на функционалните и енергетските карактеристики на објектот. Овие зафати се спроведуваат на двете нивоа на конакот.
Паралелно со тоа, во наредниот период е предвидена изработка и вградување на комплетна фасадна столарија, која опфаќа 116 дрвени прозорци од различен тип и формат, како и изработка на масивна дрвена влезна врата и други фасадни работи, во согласност со договорните обврски со фирмата, но и со автентичниот изглед и традиционалните вредности на објектот.
Сите активности се реализираат под континуиран стручен конзерваторски надзор, со редовен мониторинг на работните активности и давање насоки и технички прецизирања, и доследна примена на конзерваторските принципи. Крајна цел е зачувување на автентичноста и интегритетот на овој објект, кој претставува значајно културно наследство.
Овие активности се реализираат со целосна финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, како дел од двегодишната програма на Националниот конзерваторски центар. Вкупниот сума на проектот изнесува околу 6.000.000 денари.
Подготвила
м-р Луиза Невзати, дипл. инж. арх. – виш конзерватор





