Достојно кон 150 години од Разловечкото востание: увид во непосредната заштита на Спомен-домот во Разловци
На 12 февруари 2026 година, директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, заедно со стручни лица од повеќе установи и институти, оствари работна посета на Спомен-домот на Разловечкото востание во с. Разловци, Општина Делчево. Посетата беше реализирана со цел увид во непосредната заштита, односно во текот на конзерваторско-реставраторските зафати на овој објект.
Во рамките на посетата, директорот Јорданоски одржа средба со г. Златко Начовски, директор на Центарот за култура „Никола Јонков – Вапцаров“ во Делчево, под чие управување и состав спаѓа Спомен-домот на Разловечкото востание. На средбата беше истакната важноста од координирано институционално делување и одговорен пристап во процесот на заштита и одржување на објектот како значајно меморијално и културно наследство.
Реализацијата на конзерваторско-реставраторските зафати е насочена кон достојно одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание (1876 – 2026), првиот организиран востанички отпор за слобода на македонскиот народ во рамките на Османлиската Империја. Инаку, објектот беше затекнат во исклучително руинирана состојба, што ја наметна потребата од итна и сеопфатна интервенција. Заради неговото историско, меморијално и архитектонско значење, неговата обнова претставува капитален проект на Националниот конзерваторски центар, во чија територијална надлежност се наоѓа ова културно добро.
Проектот е вграден како исклучително значајна програмска активност во Годишната програма за остварување на национален интерес во културата и е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во износ од околу 20.000.000 денари. Исто така, паралелно преку Центарот за култура „Никола Јонков – Вапцаров“ во Делчево, се работи на развивање и изведување постојана музејска поставка за која се предвидени околу 3.000.000 денари. Работите на обновата на Спомен-домот, ги извршува фирмата ИЗГРАДБА – КОМЕРЦ од Скопје под конзерваторски надзор на Националниот конзерваторски центар.
Објектот е изграден во 1981 година и претставува едно од позначајните дела на истакнатиот македонски архитект Георги Константиновски. За своето исклучително архитектонско остварување, објектот е добитник на престижната Борбина награда за архитектура, со што е потврдена неговата вредност во рамките на современата македонска и југословенска архитектонска продукција. Со својата изразита архитектонска концепција и меморијална симболика, Спомен-домот претставува значаен сегмент од нашето современо архитектонско и културно наследство.
Активностите што се реализираат се дел од континуираните заложби на Националниот конзерваторски центар – Скопје за стручна, одговорна и долгорочна заштита на недвижното културно наследство, во насока на негово зачувување и соодветна презентација пред јавноста.
Подготвиле: м-р Александар Јорданоски и д-р Јехона Спахиу Јанчевска
Фотографии: Јехона Спахиу Јанчевска
Канал 5 ВИДИ





