Заедничка иницијатива за унапредување на високото образование и стручните кадри во областа на културното наследство

На 20 август 2025 година, во просториите на Националниот конзерваторски центар – Скопје, директорот м-р Александар Јорданоски, заедно со стручни лица од установата, оствари работна средба со директорката на Агенцијата за квалитет во високото образование, доц. д-р Христина Серафимовска и со претседателот на Одборот за акредитација на високото образование, проф. д-р Марјан Ѓуровски.

Агенцијата за квалитет во високото образование е национално тело чија основна мисија е обезбедување, оценување и континуирано унапредување на квалитетот во високото образование преку систем на акредитација и евалуација на институциите и студиските програми, придонесувајќи кон развојот на академската средина и создавање генерации компетентни кадри.

На средбата, на претставниците на Агенцијата им беше презентирана специфичната дејност и работата на НКЦ – Скопје, организациската поставеност, секторите и одделенијата, како и работните простории, особено ателјеата за ѕидно сликарство и мозаик, за икони, за дрвена и камена пластика и за штафелајно сликарство, потоа Информативно-документацискиот центар (ИНДОК), Физичко-хемиската лабораторија и специјализираната библиотека.

Во рамки на дискусијата беше отворена темата за недостигот од стручен кадар, намалениот интерес кај студентите и предизвиците со кои се соочува установата во сложените процеси на заштита на културното наследство. Посебен акцент беше ставен врз потребата од адаптација и проширување на наставните програми на релевантните факултети и институти, како Институтот за историја на уметноста и археологија, Факултетот за ликовни уметности, Архитектонскиот и Градежниот факултет, од каде треба да произлезат идни генерации студенти и потенцијални вработени.

Беше нагласена и важноста од воведување нови предмети и дисциплини, како што се: османлиско градителско и уметничко наследство, конзервација и реставрација на недвижно и движно културно наследство, управување со културното наследство и сродни области, кои ќе овозможат посеопфатен пристап во подготовката на идни стручни лица.

Особено внимание беше посветено на значењето на практичната настава и волонтерските програми како клучен сегмент за стекнување конкретни и применливи знаења, вештини и искуства. Во текот на разговорот беа разгледани и различните можности за стипендирање и стимулирање на студентите кои би се насочиле кон овие специјализирани области.

Во заклучокот, беше согледана неопходноста од воспоставување продлабочена комуникација, но и систематска соработка и координација со факултетите и институтите преку редовни средби, работилници и консултации, со цел изнаоѓање заеднички решенија за унапредување на високото образование и обезбедување висококвалификуван кадар во областа на заштитата на културното наследство. Националниот конзерваторски центар – Скопје и Агенцијата за квалитет во високото образование се согласија дека единствено преку заеднички напори, визија и долгорочна стратегија може да се изградат генерации стручњаци, кои ќе бидат идни носители на развојот и заштита на нашето исклучително богато и разновидно културно наследство.

Подготви:

д-р Јехона Спахиу Јанчевска,

историчар на уметноста, конзерватор советник

0001_01

Image 1 of 5

You may also like...