Известување за текот на Обуката за конзервација на фасадниот камен

Во организација и координација на Националниот конзерваторски центар – Скопје се спроведува Обуката за конзервација на фасадниот камен на заштитеното културно добро – црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Во обуката се вклучени следните учесници: м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл. арх., конзерватор советник; д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, конзерватор советник; Мариана Филова, виш конзерватор за камен – Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби; Горан Ивановски, виш конзерватор за камен – НУ Музеј на РС Македонија; Драган Верговски, конзерватор советник за мозаик, надворешен соработник; како и од тимот на НУ НКЦ – Скопје: д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста, виш документатор; Мирјана Топузоска, дипл. арх., виш конзерватор; м-р Љуиза Невзати, дипл. арх., виш конзерватор; Тања Мишковска, дипл. арх., виш конзерватор; Игор Кузмановски, дипл. арх., конзерватор; Орхан Османи, конзерватор за мозаик; Виктор И. Иванов, фотограф. За техничка и логистичка поддршка се задолжени Љупчо Тануровски и Никола Ангеловски.
Во времетраењето на првата недела од обуката, согласно Програмата за конзервација на каменот изработена од раководителот на обуката г. Сајмон Варак, дневните активности опфатија комбинирани сесии составени од теоретски дел/предавања и теренска работа.
а) Во теоретскиот дел, учесниците имаа можност да се запознаат со генезата на каменот како еден од најчесто употребуваните материјали во историските градби, видовите ѕидарии, патологијата на каменот и причините за неговата деградација, употребата на варта во малтерите и рецептури за варови малтери, видовите на фуги и нивната изведба. Предавањата беа придружени со соодветни PowerPoint презентации.
б) Теренската работа се реализираше во дворот на црквата Св. Ѓорѓи и опфати визуелна опсервација на постојната состојба на фасадите, препознавање на различните видови вграден фасаден камен и нивна класификација, идентификација на оштетувања (структурни, површински, биолошки), утврдување на степенот на деградација, раслојување и одвојување на горната површина на каменот, документирање и мапирање на истите на архитектонска документација, како и дефинирање на камени блокови со висок ризик од оштетување заради нивен ургентен конзерваторски третман. Исто така беше демонстриран традиционалниот начин на гаснење на вар (CaO) во црковниот двор, која ќе се користи при конзерваторскиот третман. Се изведоа и проби за употреба на различни врзивни средства и полнила со локален речен песок со различна гранулација (од реката Пчиња), при што беа подготвени десет примероци на малтери. Конзерваторите експериментираа со различни соодноси, текстури и бои, со цел да се одреди најсоодветниот состав на малтерот за типот на фасадниот камен од црквата.
Практичната обука во втората недела ќе опфати дефинирање на најсоодветните конзерваторски методи и материјали, биолошки третмани на поголемите растенија и на микроорганизмите, употреба на малтери и методи за фугирање, третирање на оштетен камен со етил силикат, пополнување и фугирање со неоргански врзивни средства и употреба на хидрофобни материјали. Воедно, ќе бидат предложени и мерки за заштита на површината на каменот од понатамошно оштетување и негов соодветен конзерваторски третман in situ.
Националниот конзерваторски центар – Скопје изразува благодарност до Општина Старо Нагоричане за поддршката и придонесот за непречена реализација на обуката преку отстапување на простории во училиштето за престој на дел од учесниците и за одржување на теоретскиот дел од програмата.

001_1

Image 1 of 22

You may also like...