Стручна контрола на Основниот проект за манастирот Трескавец
Врз основа на Решение за вршење стручна контрола на проект, издадено од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, беше формирана Комисија за стручна контрола на Основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата Успение на Пресвета Богородица од манастирот Трескавец – Фазен проект: Конзервација, реставрација, санација, отстранување на влагата и решение на подот во црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот „Трескавец“.
Комисијата за стручна контрола беше составена од:
- Ристо Петковски, диа, конзерватор советник, претседател;
- д-р Јехона Спахиу Јанчевска, ист. на уметност, конзерватор советник, член;
- Петар Герасимов, конзерватор советник, член;
- Проф. Станислав Миловановиќ, дги УКИМ, Грдежен факултет, член;
- Светлана Мамучевска Миљковиќ, биохемичар, конзерватор советник, член.
На 14 јули 2025 година, Комисијата изврши теренска посета на манастирот Трескавец, при што беше одржан работен состанок со проектантскиот и стручниот тим. Стручниот тим ги презентираше предложените технички решенија, по што се отвори стручна дискусија и се разгледаа сите аспекти на проектната документација.
По извршениот увид во манастирот Трескавец и разгледувањето на целокупната проектна документација, Комисијата изготви извештај и донесе заклучок дека проектот е содржински комплетен и технички обработен на потребното ниво за овој вид проектирање. Истиот е усогласен со одредбите од Законот за заштита на културното наследство, Правилникот за конзерваторски проекти, како и со стандардите и нормативите за проектирање и другите важечки технички прописи за изведување ваков вид работи.