ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ПОДГОТВИТЕЛНИТЕ АКТИВНОСТИ ЗА ОБНОВА НА СТАРАТА УЧИЛИШНА ЗГРАДА ВО ПОДВИС, КИЧЕВСКО

Националниот конзерваторски центар како дел од Годишната програма за остварување национален интерес во културата на Министерството за култура и туризам за 2026 година го реализира проектот Истражувачки работи и испитувања во функција на изработка на градежно-конструктивнен проект за реконструкција на објектот – Стара училишна зграда, с. Подвис, Кичевско – II фаза.

                 Овој објект има посебно историско значење од периодот на Народноослободителната војна во Македонија, пред сè, од областа на образованието. Имено, кога есента 1943 година поголем дел од територијата на Западна Македонија била ослободена од фашистичкиот окупатор, во оваа зграда за првпат започнала наставата на македонски јазик. За отворање на училиште со настава на македонски јазик одлука донел седумчлениот Народноослободителен одбор на селото Подвис на 28.9.1943 година. Училиштето започнало со работа на 30.9.1943 година, а за учител бил назначен Василко Ристески од с. Подвис. Со наставата биле опфатени 23, односно 26 ученици од прво до четврто одделение од Подвис, а требало да бидат опфатени и ученици од селото Пополжани, но поради постојаните  борби на ова подрачје никогаш не ни посетиле настава. Работата на училиштето траела кусо, до 6.10.1943 година, поради повторените воени дејствија. Без оглед на краткотрајноста, историското значење за овој објект е големо бидејќи е докажано дека тука за првпат на слободна територија се изведувала настава на македонски јазик.

                Писмена документација за точната година на изградба на зградата не постои, но се претпоставува дека е изградена околу 1930 година, со целосно ангажирање на населението од селата Подвис и Пополжани и со минимални средства од државата. По завршувањето на Народноослободителната војна до седумдесеттите години од XX век објектот функционирал како Основно училиште „Коле Неделковски“.

                Усна иницијативата за утврдување споменик на културата на Старата училишна зграда во с. Подвис, Кичевско се покренува на 4.10.1978 година од страна на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија – Општинска конференција на Кичево до Републичкиот завод за заштита на спмениците на културата – Скопје. Собранието на Општина Кичево на 16.10.1978 година до Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата упатува и официјално барање за прогласување на објектот за Спомен-училиште на НОВ. Така, врз основа на Законот за заштита на спомениците на културата од 1973 година, за Старата училишна зграда во с. Подвис, Кичевско со Решение бр. 03-3347 од 15.12.1978 година е утврдено својството споменик на културата.

Почнувајќи од 1997 година, кога се констатирани првите поголеми оштетувања, па до денес, кога објектот е во исклучително лоша состојба, неколкупати се направени обиди за обнова на овој културно-исторски споменик. Затоа, во 2025 година Националниот конзерваторски центар пристапи кон изработка на Основен проект за конзервација и реставрација, но заради исклучително големите оштетувања, кои се особено влошени од 2014 година, заради статичка сигурност во 2026 година се започнуваат геомеханички испитувања кои ќе бидат во функција за заокружување Основниот проект.

Општината Кичево, исто така, се вклучува во создавање услови за непречена реализација на непосредната заштита на овој значаен културно-исторски објект во Кичевско со пробивање пристапен пат од регионалниот пат Кичево – Охрид до самото училиште во Подвис.

Денеска, 31.7.2026 година, на завршните подготвителни активности кои се во насока на изработка проект за реконструкција на Старата училишна зграда присуствуваа: директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски; раководителката на Секторот за конзерваторско истражување и проектирање на недвижното културно наследство, д-р Јехона Спахиу Јанчевска; Игор Кузмановски, дипл. инж. арх. – конзерватор; проф. д-р Сеад Абази од Градежниот факултет – Скопје; проф. д-р Михајло Зиноски, претседател на Управниот одбор на Центарот; градоначалникот на Кичево, д-р Александар Јовановски; заменик-министерот за јавна администрација, проф. д-р Лазе Јакимоски; пратеникот во македонското Собрание, Ѓорѓија Сајкоски и директорката на Музејот „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, Валентина Вељановска.

Обновата на Старото училиште во с. Подвис, Кичевско е дел од владините приоритети во делот на заштита на културното наследство.

На овој начин нема да се обнови само една историска градба, туку ќе се зачува местото што сведочи за почетоците на наставата на македонски јазик и претставува симбол на образованието, слободата и националниот идентитет.

Извор на податоци: Информативно-документациска служба при Националниот конзерваторски центар

Подготвил: м-р Александар Јорданоски, директор

Фотографии: д-р Јехона Спахиу Јанчевска; Давор Богданоски

porta.mk

time.mk

podvis1-23

Image 33 of 35

You may also like...