Нов чекор кон зачувувањето на Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи – резултат на повеќегодишни заложби (I)

Кога струката, науката, посветеноста и љубовта кон културното наследство ќе се соединат на едно место, започнува ново патување кон зачувување на минатото за идните генерации.

Во периодот од 6 до 9 јули 2026 година, два стручни тима од Националниот конзерваторски центар – Скопје ќе ги реализираат конзерваторските истражувања во црквата Св. Ѓорѓи во Полошкиот манастир, со цел изработка на проектите за конзервација и реставрација на архитектурата и на ѕидното сликарство на едно од најзначајните недвижни културни добра во нашата земја.

Сместен на брегот на Тиквешкото Езеро и достапен исклучиво по воден пат, Полошкиот манастир претставува редок спој на природна убавина, духовност и вековна историја. Пристигнувањето со чамци до манастирскиот комплекс овозможува непосредно доживување на неговиот специфичен амбиент и изолираност, кои со векови придонесувале за зачувување на автентичниот карактер. Токму во таква средина природната околина и културното наследство опстојуваат во нераскинлива меѓусебна поврзаност.

Раководител на проектот за архитектурата е м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл.инж.арх. – советник конзерватор, а раководител на проектот за ѕидното сликарство е д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор. Во истражувањата учествуваат и м-р Владо Муковски, сликар – советник конзерватор, д-р Лидија Робева Чуковска, хемичар – конзерватор советник, д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста – советник документатор, м-р Луиза Невзати, дипл. инж. арх. – виш конзерватор, Орхан Османи, графичар – конзерватор и проф. д-р Сергеј Чурилов, градежен инженер, обединувајќи различни стручни и научни профили во заедничка мисија, а тоа се проучувањето, конзерваторските истражувања и заштитата на ова исклучително значајно културно добро.

Особено значајно е што сегашните истражувања претставуваат продолжение на процес започнат пред повеќе од една деценија. Уште во 2013 година, д-р Јехона Спахиу Јанчевска ја подготви апликацијата за номинација на Полошкиот манастир за World Monuments Fund (WMF), со што беше вклучен во меѓународната листа World Monuments Watch (WMW) за 2014 година, така што ова културно добро е препознаено и соодветно позиционирано во рамки на глобалните напори за негова заштита и презентација. Во рамките на таа иницијатива беше предложен и формиран стручен тим, составен од експерти од различни области, кој во голема мера се совпаѓа со тимот што денес работи на терен.

Денешните активности претставуваат природно продолжение на тие заложби и на повеќегодишната професионална посветеност кон неговото зачувување. Особено важно е што по повеќе години конечно се создадоа услови за отпочнување на процесите, благодарение на разбирањето и поддршката од директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, и неговиот ангажман за унапредување на активностите поврзани со истражувањето и заштитата на недвижното културно наследство.

Во текот на истражувањата ќе биде изработена детална архитектонска, техничка и фотодокументација, ќе се изврши анализа на техниката и состојбата на архитектурата и на ѕидното сликарство, ќе се направат проби и ќе се земат примероци за хемиски анализи, а ќе се евидентираат и факторите што влијаат врз нивната состојба и зачуваност. Истражувањата ќе овозможат и дефинирање на соодветни мерки за нивна долгорочна стабилност и заштита. Овие податоци ќе претставуваат основа за идните конзерваторско-реставраторски интервенции.

Но ова е само почеток на една многу поголема приказна. Во текот на истражувањата во Полошкиот манастир ќе се отвораат нови прашања и сознанија, а секојдневната работа на терен ќе ги открива специфичностите и предизвиците со кои се соочува заштитата на ова исклучително значајно културно наследство. Во наредните објави ќе го споделуваме текот на истражувањата, искуствата од престојот и работата во манастирот, карактеристиките на просторот, како и дел од сознанијата што ќе произлезат од овој значаен процес на негово проучување, заштита и зачувување.

Продолжува…

 

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Poloshki_004

Image 4 of 24

 

You may also like...