Учество на Меѓународен научен собир

Во период од 24 до 26 септември 2025 година, во Прилеп се одржа Меѓународниот научен собир „Материјализација на мислата: Идеолошките концепти во културното наследство“.
Организатори на овој значаен научен собир беа ЈНУ Институтот за старословенска култура – Прилеп и Градот Прилеп. Примарната цел на настанот беше да се истакнат суштинските вредности на материјалното и нематеријалното културно наследство, втемелени во културната историја и традиција. Преку излагања и дискусии се анализираше влијанието на религиските верувања и идеолошките парадигми врз обликувањето на културните модели од неолитските фигурини и жртвеници, преку богатите археолошки наоди и монументалната архитектура на хеленистичко-римскиот период, па сè до ранохристијанските базилики, византиските цркви, османлиските џамии и еврејските синагоги, како и нивното одразување во обредите, фолклорот и усното творештво на различните културни заедници.

На овој научен собир активно учество зедоа тројца претставници од Националниот конзерваторски центар. Првата сесија на 24 септември ја отвори директорот на НКЦ – Скопје, м-р Александар Јорданоски, со своето излагање на тема: „Системската грижа за културното наследство како основа на стабилен идентитетски континуитет и економска моќ“. Директорот Јорданоски имаше и улога на модератор на една од сесиите.
На вториот ден се претстави м-р Дарко Николовски, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во НКЦ – Скопје. Неговата тема се однесуваше на: „Преглед на иконописот во црквата Св. Преображение во Прилеп“.
Истиот ден свое излагање имаше и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во истото одделение и сектор. Нејзината презентација беше посветена на темата: “Image and Authority: The Visual Presence of St. Theodore the Studite in Macedonian Monumental Painting (12th–17th Century)”.

Учеството на тројцата претставници од Националниот конзерваторски центар – Скопје на меѓународниот научен собир уште еднаш ја потврди високата професионална, научна и стручна компетентност на установата, нејзината активна улога во истражувањето и заштитата на културното наследство, како и значајниот придонес во неговата афирмација и промоција на национално и интернационално ниво.

Подготвила:
д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фото: Јехона Спахиу Јанчевска; Александар Јорданоски; ЈНУ Институт за старословенска култура

Prilep_013

Image 13 of 16

You may also like...