Објавен меѓународен зборник посветен на проф. д-р Бисерка Пенкова

Излезе од печат меѓународниот научен зборник ΡΗΤΟΡΙΣΣΑ, истражувања во чест на проф. д-р Бисерка Пенкова, истакнат научник и професор со значаен придонес во развојот на историјата на уметноста во изминатите децении. Таа е долгогодишен истражувач и професор на Националната уметничка академија и Институтот за истражување на уметностите при Бугарската академија на науките, раководител на значајни научни проекти, како и уредник и составувач на бројни научни изданија.

Зборникот, објавен по повод нејзиниот 70-ти роденден, обединува трудови на автори од повеќе земји, меѓу кои Бугарија, РС Македонија, Германија, Србија и Русија, при што тематскиот опсег се протега од средновековието до XX век. Обединителна нишка на публикацијата е дијалогот со научниот опус и истражувачките интереси на проф. Пенкова, низ различни дисциплини: историја на уметноста, филологија, реставрација и археологија. Изданието е подготвено од тим на Институтот за истражување на уметностите при БАН, а научен уредник е проф. д.ф.н. Ана-Марија Тотоманова.

Во зборникот е објавен и труд на д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор во Националниот конзерваторски центар – Скопје, со наслов “Blessed Art Thou Among Women”: The Annunciation as a Single Scene Within the Great Feasts („Благословена си ти меѓу жените“: Благовештението како единечна сцена во рамките на празничниот циклус).

Трудот го разгледува Благовештението како централна тема во византиската уметност, со фокус на неговото претставување како единечна сцена во рамките на празничниот циклус. Преку анализа на иконографијата и просторната поставеност, од олтарскиот простор до наосот и нартексот, се истакнуваат теолошките и уметничките аспекти, како и регионалните специфики, особено на Балканот, откривајќи ја разновидноста во интерпретациите и развојот на оваа значајна тема.

Објавувањето на овој труд во меѓународен научен зборник претставува значаен придонес во проучувањето и валоризацијата на уметничкото наследство, како и потврда за активното учество на Националниот конзерваторски центар – Скопје во современите научни текови и меѓународната научна соработка. Особено се истакнува ангажманот на д-р Јехона Спахиу Јанчевска како една од најактивните стручни лица на установата, со континуирано присуство во научно-истражувачки и конзерваторски проекти и забележливо учество во меѓународната академска средина.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

5

Image 5 of 5

You may also like...