АРХЕОЛОШКИ ТЕРЕНСКИ АКТИВНОСТИ ВО КРАТОВСКИОТ РЕГИОН ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ЈП ХИДРОСИСТЕМ „ЗЛЕТОВИЦА“

Националниот конзерваторски центар се вклучува со своја улога во проектот од стратегистиско инфраструктурно значење за Јавното претпријатие Хидросистем „Злетовица“, а се однесува на реализација на ФАЗАТА 2 – СИСТЕМИ ЗА НАВОДНУВАЊЕ (потсистеми Сакулица, Марковица и Повишица). Проектот предвидува изградба на систем за наводнување на повеќе од 4500 хектари во Североисточниот Регион.

Под раководство на м-р Марина Шојлева, археолог – виш конзерватор деветчлена екипа од националната установа поделена во три групи, со помош на вработени лица и од ЈП ХС „Злетовица“ во текот на април спроведуваат обемни археолошки увиди, односно рекогносцирања во Кратовскиот Регион. Овие активности се со цел заштита на недвижното културно наследство во рамките на изградбата на овој стратегиски инфраструктурен проект. Се спроведуваат детални теренски проверки за утврдување на постоење на културни добра со цел нивна навремена заштита, пред започнување на градежните активности.

Меѓу двете институции постои долгогодишна соработка уште од 2008 година. За потребите на овие обемни археолошки теренски активности директорот на ЈП ХС „Злетовица“, Златко Стојановски и директорот на Центарот, м-р Александар Јорданоски, склучија посебен договор.

Националниот конзерваторски центар останува посветен на заштитата на културното наследство како составен дел од одржливиот инфраструктурен развој на нашата државата во согласност со Законот за заштита на културното наследство.

 

Подготвила: м-р Марина Шојлева, археолог – виш конзерватор

Zletovica_006

Image 9 of 11

You may also like...