Научен труд за црквите во Старо и Младо Нагоричане објавен во меѓународниот годишник „ART READINGS 2025“

Објавен е Тематскиот рецензиран годишник за историја на уметноста во два томаART READINGS: Thematic Peer-reviewed Annual in Art Studies, Volumes I–II, I.2025 – Old Art, Софија 2026, публикација од 674 страници посветена на темата Изкуства и архиви / Arts and Archives. Уредници на изданието се: д-р Маргарита Кујумџиева, д-р Дарина Бојкина, д-р Тереза Бачева и д-р Маја Захариева.

Во овој угледен меѓународен научен годишник е објавен и труд на англиски јазик на д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во Националниот конзерваторски центар – Скопје.

Трудот е објавен во коавторство со д-р Маја Захариева, историчар на уметноста, главен асистент на Институтот за истражување на уметноста / Институт за изследване на изкуствата при Бугарската академија на науките, чиј научен интерес е насочен кон источноправославната иконографија и поствизантиската уметност.

Објавените истражувања во годишникот произлегуваат од излагањата презентирани на меѓународната научна конференција ART READINGS 2025, која се одржа од 3 до 5 април 2025 година во Софија.

Трудот е насловен “Reconstruction of the Past: The Churches of Staro and Mlado Nagoričane in Archival Sources” („Реконструкција на минатото: црквите во Старо и Младо Нагоричане во архивските извори“). Во него се истражува и анализира историското, културното, уметничкото и духовното значење на црквите во Старо и Младо Нагоричане врз основа на богатата архивска граѓа и релевантни извори. Осврнувајќи се на постарата научна литература, како и на документи зачувани во значајни архиви и конзерваторски центри во Софија и Скопје, авторките го реконструираат развојот, перцепцијата и процесите на зачувувањето од почетокот на XX век до денес на овие недвижни културни добра.

Преку интегрирање на пишани извори, фотодокументација и конзерваторско-реставраторски проекти и извештаи, истражувањето посочува како овие цркви претставуваат значајни носители на колективната меморија и на духовниот, културниот и уметничкиот континуитет. Трудот ја нагласува незаменливата улога на архивите во процесите на заштитата на културното наследство и ја потврдува важноста на зачувувањето како професионална одговорност, но и како морална обврска кон историјата.

Со учеството на стручните кадри од Националниот конзерваторски центар – Скопје на меѓународни научни конференции и со објавувањето на научни и стручни трудови во реномирани публикации, установата активно придонесува кон развојот на дејноста, научното истражување, зајакнувањето на меѓународната соработка и афирмацијата на културното наследство на РС Македонија во поширокиот академски и професионален контекст.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

2

Image 2 of 3

You may also like...