Благодарност и почит кон м-р Цветанка Хаџи Пецова по повод нејзиното пензионирање

На 17 ноември 2025 година, м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл. инж. арх., советник конзерватор и долгогодишен раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижното културно наследство во Националниот конзерваторски центар – Скопје, заминува во заслужена пензија.

По тој повод, беше организирана свеченост од страна на директорот м-р Александар Јорданоски, заедно со вработените во установата, на која со голема благодарност и почит ѝ беше оддадено признание за нејзиниот долгогодишен труд, професионализам и придонес кон унапредувањето на конзерваторската дејност.

Цветанка Хаџи Пецова го посвети целиот свој професионален пат на заштитата, конзервацијата и афирмацијата на македонското градителско  наследство. Нејзиниот труд, знаење и посветеност оставија длабок белег во развојот на конзерваторските практики и институционалниот капацитет на НКЦ – Скопје. Нејзиното знаење, искуство и поддршка ќе бидат од исклучително значење и за понатамошната работа и професионалниот напредок на установата.

Во текот на нејзината повеќедецениска кариера, таа раководеше со бројни значајни проекти, меѓу кои обновата на целосно срушената црква „Св. Атанасиј“ во Лешочкиот манастир (2003–2006), со поддршка од Европската агенција за реконструкција, како и конзервацијата, реставрацијата и ревитализацијата на црквите „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, „Св. Никола“ во Псача, „Св. Богородица“ во Дреново и многу други. Преку своето работење, таа даде исклучителен придонес во зачувувањето на градителското културно наследство.

Со своето стручно и визионерско ангажирање, Хаџи Пецова придонесе и во подготовката на клучни документи од плански карактер, како Националната стратегија за културното наследство, Законот за заштита на културното наследство и Просторниот план на РС Македонија. Исто така, била член и на Националниот совет за културното наследство.

На колешката м-р Цветанка Хаџи Пецова ѝ изразуваме искрена благодарност за долгогодишната соработка, колегијалноста, професионалноста и несебичниот придонес во унапредувањето на заштитата на културното наследство.

Со најдобри желби за здравје, радост и исполнети денови во новото животно поглавје.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: Виктор Ирвин Иванов

Penzioniranje_-0334

Image 7 of 15

You may also like...