УЧЕСТВО НА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ART READINGS 2025 ВО СОФИЈА, Р. БУГАРИЈА
Во периодот од 3 до 5 април 2025 година, во Софија се одржа меѓународната научна конференција ART READINGS 2025, во организација на Институтот за уметнички истражувања при Бугарската академија на науките. Овогодишното издание беше реализирано во рамки на модулот OLD ART – ARTS AND ARCHIVES, посветен на комплексните релации меѓу уметноста и архивските извори.
На конференцијата учествуваа повеќе од 60 истражувачи од Бугарија, Грција, Србија, Романија, Албанија, Полска, Ерменија, како и од Република С Македонија.
На конференцијата зеде учество и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. Таа настапи со заедничка презентација со д-р Маја Захариева од Институтот за уметнички истражувања при БАН, на тема: “Reconstructing the Past: The Churches of Staro and Mlado Nagorichane in Archival Sources”. Излагањето беше фокусирано на значењето на архивската документација за реконструкција на минатото на црквите во Старо Нагоричане и Младо Нагоричане, кои се под заштита на НУ НКЦ – Скопје. Презентацијата се истакна по својот внимателен пристап кон обработката на архивските извори, визуелно богатиот материјал и методолошката прецизност.
▶ Погледнете ја презентацијата
Во рамките на својата долгогодишна стручна и научна дејност, Спахиу Јанчевска континуирано учествува во процесите на истражувањата, заштитата, ревалоризација и промоцијата на овие храмови, преку: спроведување на конзерваторски истражувања, изработка на проекти за конзервација и реставрација, реализација на непосредна заштита на ѕидното сликарство, иконостасот и иконите, подготовка на елаборати за ревалоризација, како и објавување научни трудови.
Во рамките на конференцијата, таа имаше и улога на модератор на една од сесиите, со што даде свој дополнителен придонес кон високото професионално ниво на настанот.
Извор: Институт за изследване на изкуствата/Institute of Art Studies