ОБУКА ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА НА КАМЕН ВО ЦРКОВНИОТ КОМПЛЕКС СВ. ЃОРЃИ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ
Националниот конзерваторски центар – Скопје во периодот од 29 јули до 12 август 2025 година организира специјализирана Обука за конзервација на камен, која се одржува во заштитеното културно добро – Црковниот комплекс Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Оваа обука се реализира под раководство на г. Сајмон Варак од Република Италија, реномиран странски експерт за конзервација на камен, кој има долгогодишно практично искуство за ин ситу третман на раслоени, односно оштетени камени површини.
На специјализираната обука ќе учествуваат 10 стручни лица – конзерватори од Националниот конзерваторски центар, конзерватори за камен од Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, како и од Музејот на РС Македонија.
По повод започнувањето на обуката директорот на Национален конзерваторски центар м-р Александар Јорданоски го прими странскиот експерт г. Сајмон Варак. На заедничката средба директорот беше запознаен со содржинските елементи и работните сесии дефинирани во програмата за конзервација на каменот, во која се вклучени теоретски дел и практична работа на терен. Во практичната обука конкретно ќе бидат опфатени заштитни интервенции за конзерваторски третман на оштетениот фасаден камен на црквата Св. Ѓорѓи.
Директорот Јорданоски нагласи дека оваа специјализирана обука ќе претставува значајна можност за усовршување на стручните кадри кои работат во областа на заштитата на архитектонското културно наследство. Преку неа учесниците ќе добијат нови сознанија и искуство од аспект на примената и соодветна апликација на материјалите при конзерваторски активности од овoј вид. Директната размена на искуства и практична примена на современи техники и материјали ќе овозможат унапредување на пристапот кон конзервацијата на камен во нашата земја. Стекнатото стручно знаење и практично искуство ќе имаат клучно значење не само за натамошната конзервација и одржување на фасадниот камен на црквата Св. Ѓорѓи, туку и за идни конзерваторски интервенции на други значајни објекти од камен низ РС Македонија.
Наскоро ќе биде објавено дополнително известување за текот на обуката.