Современи методи за документирање на Јокчискиот и Аргуличкиот мост во Кратово

Националната установа Национален конзерваторски центар – Скопје, во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата на Министерството за култура и туризам за 2026 година, ги реализира проектите за изработка на основни проекти за конзервација и реставрација на Јокчискиот и Аргуличкиот мост во Кратово, со примена на современи методи за теренско снимање, дигитално документирање и прецизно евидентирање на нивната фактичка состојба.

                Во рамките на проектните активности за изработка на Основен проект за конзервација и реставрација на Јокчиски мост во Кратово и Основен проект за конзервација и реставрација на Аргулички мост во Кратово, успешно беа реализирани топографско и фотограметриско снимање на објектите и нивната непосредна околина.Раководител на двата проекти е Мирјана Топузоска, дипл. инж. арх. – виш конзерватор, а во нивната реализација учествуваат и членовите на стручната екипа: м-р Кирил Денковски, археолог и м-р Тина Каровска, дипл. град. инж.

                На теренот беше изведено топографското снимање, со што беа обезбедени прецизни геодетски податоци за просторната поставеност и конфигурацијата на теренот. Паралелно со овие активности беше спроведено и фотограметриско снимање на двата моста, при што беа создадени тридимензионални модели што ја прикажуваат нивната реална фактичка состојба.

                Како резултат на спроведените снимања, беа обезбедени мерни фотограметриски подлоги со висока прецизност, наменети за понатамошна дигитална графичка обработка и изработка на проектната документација. Овие подлоги овозможуваат детално прикажување на архитектонските и конструктивните карактеристики на мостовите и претставуваат значајна основа за нивна анализа, документирање и дефинирање соодветни конзерваторско-реставраторски решенија.

                Примената на современите технологии за снимање и документирање овозможува создавање прецизна и проверлива документациска основа, неопходна за одговорен пристап кон заштитата на културното наследство. Преку тридимензионалните модели и дигиталните фотограметриски мерни подлоги се овозможува подобро согледување на постојната состојба на објектите, што е од особено значење при подготовката на проектни решенија засновани врз реалните карактеристики на секој мост.

                Јокчискиот и Аргуличкиот мост се дел од препознатливиот историски амбиент на Кратово, град чие културно наследство се одликува со специфична урбана средина, традиционална архитектура и културно-историски објекти. Нивното стручно документирање и подготовката на соодветна проектна документација претставуваат чекор кон планирање мерки за зачувување на нивните материјални, архитектонски и културно-историски вредности.

002_-14

Image 21 of 22

You may also like...