УЧЕСТВО НА МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО НОВА ЗАГОРА

На 12 и 13 октомври 2026 година, во Нова Загора, Р Бугарија, се одржа Меѓународната научна конференција „100 години Исторически музей – Нова Загора: Перлата на Тракия“ / „100 години Историски музеј – Нова Загора: Бисерот на Тракија“, по повод одбележувањето на 100-годишнината од основањето на Историскиот музеј – Нова Загора, организирана од страна на директорот м-р Генчо Димитров.

На конференцијата учествуваа директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, конзерватор советник – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство.

М-р Александар Јорданоски ја претстави установата со презентацијата „Историската улога на Националниот конзерваторски центар во заштитата на културното наследство во Македонија“, во која се осврна на долгогодишната дејност на центарот, развојот и значењето во системот на заштита на културното наследство. Националниот конзерваторски центар, како матична стручна установа, своето делување го започнува во 1949 година, градејќи повеќедецениска традиција во истражувањето, документирањето, конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство.

Д-р Јехона Спахиу Јанчевска учествуваше со научна презентација на тема “Gaia, Thalassa, and the Anemoi: The Representation of Personifications in the Compositions of the Last Judgement”, посветена на претставувањето на персонификациите на Земјата, Морето и Ветровите во композицијата на Страшниот суд. Истражувањето ги разгледува различните визуелни форми на овие персонификации и нивната трансформација во христијанскиот есхатолошки контекст, со поврзување на библиските текстови, сликарските прирачници и постарите визуелни традиции. Посебен осврт беше посветен на македонските примери, меѓу кои Св. Богородица Перивлепта и Св. Богородица Болничка во Охрид, Св. Димитрија во Велес, Горен Манастирец, Сливничкиот манастир, Кучевишкиот манастир, Св. Ѓорѓи во Лазарополе и во Бањани, Костинци и други, преку кои се следат различните начини на претставување на персонификациите.

На конференцијата беа презентирани научни и стручни трудови од областа на археологијата, историјата, историјата на уметноста, музеологијата, конзервацијата и реставрацијата, како и интердисциплинарни истражувања. Покрај учесниците од Р Бугарија, со свои прилози учествуваа и претставници од РС Македонија, Грција, Иран, Италија, Украина и други земји, што придонесе кон нејзиниот меѓународен карактер.

Во рамките на конференцијата, во Клубот на културните работници беше одржана и промоција на монографијата од повеќе автори посветена на истражувањата на могилната некропола во областа Богошина, Прохорово, со наслов: ПРОХОРОВО МАЙНИНГ Археологически проучвания, т.1, Могилният некропол в местността Богошина.

За времетраењето на конференцијата, учесниците имаа можност да се запознаат и со значајното археолошко и културно наследство на Нова Загора и нејзината околина, особено Карановската могила.

Учеството на Националниот конзерваторски центар на оваа меѓународна научна конференција претставуваше можност за презентирање на стручната и научно-истражувачката дејност на установата, како и за размена на стручни и научни искуства со колеги од регионот и пошироко.

На организаторите и на Историскиот музеј – Нова Загора им упатуваме искрени честитки по повод значајниот 100-годишен јубилеј, со желби за успешна работа и во децениите што следуваат.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство

Фотографии: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, м-р Александар Јорданоски

NZ_-003

Image 3 of 26

You may also like...