МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ НАЦИОНАЛНИОТ КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР И ФАКУЛТЕТОТ ЗА ТУРИЗАМ И БИЗНИС ЛОГИСТИКА

На 21 септември 2026 година во Штип, директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски и деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Наташа Митева, потпишаа Меморандум за воспоставување заемна соработка во насока на поддршка на развојни проекти за унапредување на образованието на студентите, локалната заедница, економскиот раст и развојот на туризмот во РС Македонија.

На потпишувањето присуствуваа проф. д-р Душица Санева Попова и проф. д-р Зоран Темелков од Факултетот за туризам и бизнис логистика, како и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – конзерватор советник и раководител на Секторот за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство и м-р Владо Муковски, сликар – конзерватор советник и раководител на Секторот за конзервација и реставрација од Националниот конзерваторски центар.

Со внесувањето на туризмот како додадена вредност на Министерството за култура и туризам, Националниот конзерваторски центар презема конкретни мерки за функционална подготовка на објектите кои имаат статус на културно наследство за туристичко ползување. Улогата на установите за заштита е да ја обноват автентичната состојба на одреден објект, а улогата на туризмот е информацијата за вредноста на тој објект да ја направи достапна до што поголем број заинтересирани страни.

Конзерваторско-реставраторските работи ја зачувуваат материјалната меморија за нашето минато, за нашата култура, за нашиот идентитет, но невидени од јавноста тие се нем глас за сопственото постоење. Студентите од овој факултет ќе бидат идниот глас на макотрпната работа на македонските конзерватори. Токму преку поврзувањето на стручната работа со образованието и туризмот се создава можност културното наследство да биде подобро претставено, разбрано и достапно до јавноста.

Туризмот е гранка во светот што во некои држави одамна е водечка линија во општеството, а Македонија, како дел од Медитеранскиот културен комплекс, го има целиот вредносен потенцијал тоа да го вклучи како економски двигател. Во таа насока, соработката отвора простор за развој на активности што ќе придонесат кон поголема видливост и афирмација на културното наследство и кон негово соодветно претставување како значаен ресурс за културниот туризам и локалниот и регионалниот развој.

Меѓу поважните точки кои ги содржи Меморандумот се и презентацијата и преносот на знаења од страна на стручни лица, изработка на анализи за поголем придонес кон општествениот развој и напредокот на туризмот, културата, образованието и социјалната сфера, помош при лобирање и ангажирање во поврзување со соодветните партнери кои ќе помогнат за локалниот и регионалниот развој, пракса за студентите и заеднички истражувачки проекти.

Соработката меѓу Националниот конзерваторски центар и Факултетот за туризам и бизнис логистика претставува можност за размена на знаења и искуства и за воспоставување посилна врска меѓу стручната и образовната сфера, во насока на долгорочна и одржлива заштита, афирмација и презентација на културното наследство.

Подготвиле: м-р Александар Јорданоски и д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Факултет за туризам и бизнис логистика – УГД
Facebook страница на Факултетот

Shtip_-004

Image 4 of 4

You may also like...