ЗАОКРУЖЕНА КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА ЧЕТИРИТЕ ПРОЦЕСИСКИ КРСТОВИ И ЗАПОЧНАТИ НОВИ ИСТРАЖУВАЊА НА ИКОНИ ОД БИГОРСКИОТ МАНАСТИР

Со враќањето на уште два процесиски крста од богатата ризница на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, успешно се заокружува процесот на конзервација и реставрација на сите четири процесиски крстови од манастирската збирка. Нивната стручна и научна обработка беше претставена и на меѓународната конференција “60 years of study & conservation ARCHAEOLOGY – ARCHITECTURE – ART”, одржана во Тирана, Р Албанија, во периодот од 21 до 22 октомври 2025 година.

По завршените конзерваторско-реставраторски работи, на 15 јули 2026 година, во Бигорскиот манастир беа вратени процесиските крстови „Распетие Христово/Вознесение Христово“ и „Распетие Христово/Воскресение Христово“, исклучително вредни дела на прочуените зографи Михаил од Самарина и неговиот син Димитар, односно монах Даниил, како и на мијачките резбари.

Процесиските крстови му беа предадени на игуменот на бигорската свештена Обител, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, од раководителките на проектите. Конзерваторско-реставраторските работи и на овие два процесиски крста ги изврши стручниот тим од Националниот конзерваторски центар – Скопје. Раководителка на конзерваторските истражувања и на Проектот за конзервација и реставрација е д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор, додека раководителка на непосредната заштита, односно на конзерваторско-рестравраторските работи е м-р Невенка Величковска, сликар – советник конзерватор. Во стручните тимови зедоа учество и Игор Кавкалески, сликар – конзерватор и Никола Ангеловски, столар.

На 17 јули 2026 година, директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, оствари средба со епископот Антаниски г. Партениј. Средбата се одвиваше во насока на унапредување на стручната соработка во областа на заштитата, истражувањето и афирмацијата на културното наследство што е под надлежност на установата.

Конзерваторско-реставраторските зафати на процесиските крстови се однесуваа на носачот, резбата, подлогата, боениот слој, позлатата, заштитниот слој и металните држачи. Беа фиксирани одредени нестабилни места од подлогата, боениот слој и позлатата, по што следеше нивно прочистување. Во понатамошните постапки беше извршена консолидација на дрвените носачи, китирање со реставраторски грунд, остранување на старите лакови, како и отстранување или корекција на старите реставраторски грундови. Ретушот се изведуваше во соработка меѓу сликарот конзерватор и историчарот на уметноста. Металните држачи беа исправени и беа премачкани со цел нивна заштита. Во текот на непосредната заштита наменски се изработија и постаменти со држачи, кои исто така се дарение од страна на стручниот тим.

Двата процесиски крста имаат стилска и хронолошка блискост со голем број дела од Бигорскиот манастир, особено со другите два процесиски крста кои исто така се атрибуираат на зографите Михаил од Самарина и Димитар, односно монах Даниил и на мијачките резбари. Тие беа конзервирани и вратени во манастирската ризница во претходната фаза од проектот. Со завршувањето на конзервацијата и на овие два крста, сите четири процесиски крстови повторно го заземаат своето место во богатата манастирска ризница со вековна историја. На тој начин се заокружува заштитата на оваа значајна целина и се комплетира уште едно важно поглавје во зачувувањето на културното наследство на Бигорскиот манастир Свети Јован Кристител.

Епископот Антаниски г. Партениј изрази искрена благодарност за нивната професионална и посветена работа, како и за љубовта и грижата вложени во зачувувањето на ова свето наследство, нагласувајќи го високото стручно и научно ниво на целиот процес.

Истовремено со враќањето на процесиските крстови, во период од 15 до 17 јули 2026 година беа спроведени конзерваторски истражувања со цел изработка на Проект за конзервација и реставрација на иконите Воведение Богородичино во храм, Св. Никола и Симнување во адот од депото на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител. Овие активности се дел од Годишната програма за работа за 2026 година на Националниот конзерваторските центар – Скопје. Раководител и членови на стручниот тим се д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор; м-р Невенка Величковска, сликар – советник конзерватор; Светлана Мамучевска-Миљковиќ, биохемихар – советник конзерватор и д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста – советник документатор.

Во рамките на истата Годишна програма, за потребите на конзерваторско-реставраторските зафати беше преземена и вратата од протезисот со претстава на архангел Михаил од црквата Св. Ахил Лариски во Требиште. Раководител на непосредната заштита е д-р Валентина Поцеска, сликар – советник конзерватор.

 

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: Бигорски манастир; м-р Невенка Величковска; д-р Мишко Тутковски; д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Извор: Бигорски манастир Свети Јован Крстител

006

Image 6 of 17

You may also like...