Пристигнување во Полошкиот манастир и започнување на конзерваторските истражувања (II)

Реализацијата на повеќедневните конзерваторски истражувања во Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи, сместен во специфични просторни услови, бараше навремена и прецизна подготовка на сите аспекти поврзани со теренската работа, транспортот, сместувањето и престојот на членовите на стручните тимови.

Координацијата на подготовките за реализација на теренските истражувања ја водеше д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор и раководител на проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство. Во текот на овој процес таа беше во постојана комуникација со старешината на манастирот, игуманијата Магдалена и со архијерејскиот намесник, протојереј-ставрофор Воислав Ѓорѓиев, со цел обезбедување на сите неопходни услови за непречено одвивање на повеќедневните истражувања. Реализацијата на сите овие активности беше овозможена и благодарение на целосната посветеност, професионалниот ангажман, безрезервната помош и подготвеностa на членовите на стручните тимови, кои највеќе придонесоа за успешно организирање и спроведување на секој сегмент од организацијата и истражувањата.  

Организацијата опфати координација на превозот на членовите на стручните тимови, како и на потребната опрема и материјали, за што им благодариме и на колегите Игор Кузмановски, дипл. инж. арх. – конзерватор и Никола Ангелоски, столар. Потоа следуваше обезбедување соодветни услови за престој и работа во манастирот и усогласување на теренските активности со секојдневниот живот и обврските во истиот. Сите подготовки и активности се реализираа во тесна соработка со старешините на манастирот и со претставниците на Повардарската православна епархија, со доследно почитување на манастирскиот типик и дадените насоки, како и во согласност со каноните на црквата и одредбите на Уставот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

                На 6 јули 2026 година, двата стручни тима на Националниот конзерваторски центар – Скопје, ангажирани на изработката на проектите за конзервација и реставрација на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата Св. Ѓорѓи, пристигнаа на брегот на Тиквешкото Езеро, од каде што започна патувањето кон манастирот. Покрај старешините на манастирот, искрена благодарност упатуваме и до господинот Ацо Митев, управител на фирмата „Селекта“ и актуелен концесионер на риболовното подрачје на Тиквешкото Езеро, кој ни обезбеди глисер, управуван од капетанката Маре. Следуваше возбудливо патување по езерото, кое со чамец трае околу 60 до 70 минути, а со глисер значително пократко, при што постепено се отвораше погледот кон манастирскиот комплекс, сместен во исклучителниот природен амбиент на Тиквешкото Езеро. За членовите на тимот тоа не претставуваше само пристигнување на работен терен, туку и почеток на нова фаза во долгогодишните напори насочени кон проучувањето, заштитата и зачувувањето на ова исклучително значајно културно добро.

По пристигнувањето во манастирот, членовите на стручните тимови беа срдечно пречекани од настојателката на манастирот, монахињата Магдалена, чија гостопримливост и подготвеност за соработка создадоа одлични услови за престој и започнување на истражувањата. Потоа следуваше сместувањето на тимовите, организацијата на работните простории и опремата, како и првичните координации за активностите предвидени за наредните денови, во согласност со претходно изработената оперативна програма од страна на м-р Цветанка Хаџи Пецова, дипл. инж. арх. – советник конзерватор. Веќе во текот на првиот ден започнаа и првите теренски активности поврзани со истражувањата и документацијата на архитектурата и на ѕидното сликарство.

По поставувањето на скелето започнаа конзерваторски истражувања на ѕидното сликарство, кои опфаќаат визуелни прегледи, анализа за техниката и на состојбата, евидентирање на оштетувањата и изведување сонджани и друг вид проби. Овие активности ги реализираат м-р Владо Муковски, сликар – советник конзерватор и Орхан Османи, графичар – конзерватор. Во рамки на истражувањата, со цел утврдување на најефикасниот и најбезбеден метод на чистење, беа изработени проби за отстранување на солите по хемиски пат, за што беа користени следните хемикалии: амониум карбонат (Ammonium carbonate), амониум бикарбонат (Ammonium bicarbonate), Amberlite 4400 и Amberlite 120. Исто така беа направени и проби за суво чистење со Wosab гуми со различна твдрина.

Паралелно се спроведуваат истражувањата на архитектурата, кои вклучуваат мерења, снимања и изработка на потребната документација за состојбата на објектот. Во рамките на архитектонската, техничката и фотодокументацијата се реализираат и воздушни снимања со употреба на беспилотни летала (дронови), врз основа на претходно добиени одобренија од Управата за заштита на културното наследство, со цел обезбедување прецизни податоци за состојбата и просторниот контекст на манастирскиот комплекс. Дроновите се управувани од м-р Луиза Невзати, дипл. инж. арх. – виш конзерватор и од д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста – советник документатор, кој воедно е заслужен и за фотодокументацијата. Во исто време, д-р Лидија Робева Чуковска, хемичар – советник конзерватор, изврши земање репрезентативни примероци за физичко-хемиски анализи на градежните и сликарските материјали.

Резултатите од сите спроведени анализи и истражувања ќе овозможат поцелосно согледување на материјалите, нивниот состав, технологијата на изведба, состојбата на зачуваност и степенот на деградација, претставувајќи значајна основа за дефинирање на идните конзерваторски и реставраторски мерки. Врз основа на резултатите од реализираните интердисциплинарни истражувања, извршената валоризација на културното добро и изработените стручни извештаи, раководителките на проектите, д-р Јехона Спахиу Јанчевска и м-р Цветанка Хаџи Пецова, ќе ја изработат и утврдат проектната програма, со која ќе се дефинираат натамошните конзерваторски и реставраторски активности.

Со овие активности беше означен почетокот на новата фаза од конзерваторските истражувања на Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи, кои се во тек и се насочени кон негово долгорочно зачувување, заштита и презентација.

Продолжува…

Подготвиле: д-р Јехона Спахиу Јанчевска и м-р Владо Муковски

Poloshki_002_001

Image 38 of 41

You may also like...