Меѓународна афирмација на македонското културно наследство во зборникот „Ниш и Византија XXIV“

Објавен е меѓународниот научен зборник Ниш и Византија XXIV (Ниш, 2026), публикација од 580 страници посветена на темата „1700 години по Првиот вселенски собор во Никеја: 325–2025“. Уредник на изданието е проф. д-р Миша Ракоција.

Во зборникот се застапени научните истражувања произлезени од излагањата презентирани на Меѓународниот научен симпозиум на византолози Ниш и Византија XXIV, одржан од 3 до 5 јуни 2025 година во Ниш. Публикацијата беше промовирана во рамките на овогодишното јубилејно XXV издание на симпозиумот НИШ И ВИЗАНТИЈА, од страна на д-р Бранислав Цветковиќ.

Во овој угледен меѓународен зборник е објавен и труд на англиски јазик на д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во Националниот конзерваторски центар – Скопје.

Нејзиниот труд е насловен: “Exploring the Wall Paintings of St. Demetrius Church in Trebino: Artistic Insights and Conservation Concerns”.

Во трудот се обработува ѕидното сликарство на црквата Св. Димитриј во Требино, Општина Македонски Брод, во областа Порече, која врз основа на делумно зачуваниот ктиторски натпис прецизно се датира во 1644 година. Ѕидното сликарство претставува скромно, но значајно остварување на поствизантиската црковна уметност и се поврзува со група храмови од Поречието со сродни стилски и иконографски обележја.

Трудот ги анализира архитектонските карактеристики на црквата, иконографската програма и стилските особености на живописот, кој и покрај значителните оштетувања и присуството на соли, сведочи за типичните композициони решенија на помалите поствизантиски храмови од првата половина на XVII век.

Посебно внимание е посветено на стилските, тематските и иконографските сродности со живописот на црквата Св. Архангел Гаврил во Ореовец, што упатува на можната дејност на ист зограф или работилница во регионот во текот на краток временски период. Овие сознанија придонесуваат кон подобро разбирање на регионалните уметнички текови и сликарската продукција во XVII век. Истовремено, трудот ја нагласува важноста и потребата од соодветна заштита, конзервација и долгорочно зачувување на ова значајно културно добро од Поречкиот Регион.

Со континуираното учество на стручните кадри од Националниот конзерваторски центар на меѓународни научни конференции и собири, како и со објавување на научни и стручни трудови во реномирани публикации, установата ја потврдува својата значајна улога во проучувањето, заштитата и афирмацијата на нашето културно наследство. Ваквите активности придонесуваат за унапредување на научноистражувачката и конзерваторската дејност, размена на стручни искуства и јакнење на меѓународната видливост на македонското културно наследство во современите академски и професионални текови.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

3_Nis-i-Vizantija

Image 1 of 5

You may also like...