Учество на јубилејниот Меѓународен симпозиум на византолози „Ниш и Византија XXV“

Во периодот од 3 до 5 јуни 2026 година, во Ниш, Р Србија се одржа Меѓународниот симпозиум на византолози НИШ И ВИЗАНТИЈА XXV, на тема „Православно царство Римљана на сликама првих хришћана“. Организатори на симпозиумот се Градот Ниш и Универзитетот во Ниш, а коорганизатори се Православната eпархија на Ниш и Културниот центар на Ниш. Основач на оваа етаблирана научна манифестација е проф. д-р Миша Ракоција.

Меѓународниот симпозиум традиционално се одржува во рамките на чествувањата посветени на светите цар Константин и царицата Елена, при што особено се истакнува значењето на Ниш како роден град на св. цар Константин. Годинава, настанот одбележа значаен јубилеј – 25 години од своето постоење, потврдувајќи го континуитетот и значењето на симпозиумот како еден од најреномираните научни собири посветени на византиските и поствизантиските истражувања во регионот и пошироко. Во текот на изминатите две и пол децении, симпозиумот прерасна во значајна меѓународна платформа за научна размена, со учество на еминентни истражувачи од различни области: историја на уметноста, археологија, историја, теологија, филологија, архитектура и заштита на културното наследство.

На собирот учествуваше и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во Националниот конзерваторски центар. Таа се претстави со трудот: The Curious Case of Two Coexisting Painting Phases in the Church of the Holy Mother of God (St. Nicholas) in Rankovce, посветен на црквата Св. Богородица (Св. Никола) во Ранковце, недвижно културно наследство под надлежност на нашата установа.

Во излагањето беа претставени историјатот и архитектонските особености на храмот, значаен пример на сакрална архитектура од XIX век во Кумановско-кривопаланечкиот регион, изграден врз постара црква од XVI–XVII век. Посебно внимание беше посветено на просторната организација, декоративната обработка на ентериерот и сликарската програма. Истражувањето беше насочено кон двете сликарски фази во црквата, каде што постариот живопис зачуван во олтарскиот простор претставува значајно сведоштво за поствизантиското сликарство во регионот. Неговото зачувување и вклопување во рамките на обновениот храм претставува редок пример на почитување на постариот слој, наместо негово целосно пресликување. Во презентацијата беа разгледани и стилските и иконографските паралели со црквата Св. Ѓорѓи во Петралица, преку кои се согледуваат карактеристиките на творештвото на Аврам Дичов во периодот на неговата зрела дејност.

Во рамките на меѓународниот симпозиум, Спахиу Јанчевска и оваа година беше модератор на една од сесиите, давајќи дополнителен придонес кон успешната организација и високото професионално ниво на јубилејното издание на симпозиумот.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: д-р Ивона Панџак-Пинева, д-р Лидија Ковачева, д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Извори:

002_Jehona-Spahiu-Janchevska

Image 3 of 16

You may also like...