Претставување на Националниот конзерваторски центар во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, Р Бугарија

На 17 април 2026 година, со почеток во 18:30 часот, во Културно-информативниот центар на РС Македонија во Софија, Р Бугарија, се одржа претставување на Националниот конзерваторски центар од Скопје, реализирано по покана на проф. д-р Зоран Пејковски, директор на установата домаќин.

Директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, пред присутните ја претстави установата, нејзината дејност, мисија и континуираниот придонес во заштитата на недвижното културно наследство. Во своето излагање тој се осврна на улогата на Центарот како централна и матична установа, основана во 1949 година, која во согласност со законските регулативи и современите професионални стандарди врши евиденција и (ре)валоризација на културните добра, стручна контрола и конзерваторски надзор, координација на заштитните активности, конзерваторски истражувања, изработка на конзерваторски основи и проекти, реализација на конзерваторско-реставраторски зафати, односно непосредна заштита, научно-истражувачка и издавачка дејност, како и обука на стручни кадри во областа на заштитата на културното наследство.

За значењето и улогата на Националниот конзерваторски центар зборуваше и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор, која ја потенцираше важноста на установата и особено за стручниот и научниот пристап во зачувувањето на културните вредности и нивното пренесување на идните генерации.

Во рамките на настанот беше одржана и промоција на книгата „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“ (2025) од м-р Александар Јорданоски, дело што произлегува од неговото долгогодишно професионално искуство и ангажман. Книгата нуди кохерентна и аргументирана анализа во која културата се согледува како суштинска врска меѓу идентитетот, историската меморија и современите општествени текови, но и како простор на одговорност, критичка мисла и визија. За книгата говореше д-р Јехона Спахиу Јанчевска, додека проф. д-р Зоран Пејковски истакна дека делото претставува значаен научен и општествен придонес, отворајќи важни прашања и нудејќи релевантни одговори поврзани со културата, идентитетот и развојот на современото македонско општество. Притоа беше нагласено дека книгата има потенцијал да биде од корист не само за научната и стручната јавност, туку и за креаторите на културните политики и пошироката културна сцена, вбројувајќи се меѓу позначајните современи трудови што го третираат културното наследство и неговата улога во општеството.

Настанот претставува значаен придонес кон меѓународната афирмација на Националниот конзерваторски центар, потврдувајќи ја неговата активна улога во поширокиот културен и стручен контекст. Ваквите активности придонесуваат за продлабочување на институционалната соработка, размена на искуства и знаења, како и за поинтензивна промоција на македонското културно наследство надвор од границите на државата.

Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска

Фотографии: д-р Маја Захариева

Извори:

НЕТ ПРЕСС

РЕПУБЛИКА

МИА.МК

МКД.МК

10

Image 10 of 11

You may also like...