Заврши обуката за конзервација на фасадниот камен на црквата „Св. Ѓорѓи““ во с. Старо Нагоричане
По завршувањето на двонеделната Обука за конзервација на камен која се одржа во црковниот комплекс „Св. Ѓорѓи“- Старо Нагоричане, во организација на НУ Национален конзерваторски центар -Скопје, со финансиска подршка на Министерството за култура и туризам на Р.С.Макдонија, а од страна на странскиот експерт за конзервација на каменот г. Сајмон Варак, беа доделени Сертификати на конзерваторите /учесници во специјализираната Обука за конзервација на фасадниот камен на црквата „Св. Ѓорѓи“ – Старо Нагоричане.
Во втората недела од Обуката за конзервација на фасадниот камен на црквата „Св. Ѓорѓи““ во с. Старо Нагоричане се спроведе клучниот дел од специјализираната обука, фокусиран на практична работа поврзана со проблемски аспекти околу конзервирање на оштетениот камен на црквата.
Од страна на странскиот експерт г. Сајмон Варак беа практично презентирани методите и начинот за соодветно аплицирање на материјалите за in situ конзерваторски третман на различен вид на оштетувања кај фасадните камени блокови. Во исто време, во оваа фаза, учесниците во обуката имаа можност да земаат активно учество во испробување на методите за консолидирање, нанесување на малтерите за исполнување на празнините, фугирање, обработка на завршни опшивки кај раслоените/ одвоени камени површини од базичниот камен, како и спојување на скршени делови од камен.
Согласно претходно дефинираната програма за приоритетни заштитни интервенции на одбрани камења со висок степен на загрозеност, беа организирани и дневните работни сесии за конзерваторски третман на фасадниот камен на црквата Св. Ѓорѓи, а во рамките на истите беа спроведени различни активности и тоа на следните позиции:
- Кај специфични камени елементи со исклесани историски натписи и тоа:
а/ кај камениот надвратник над влезната врата во црквата со исклесан текст со историска вредност беше извршен третман на вертикалната пукнатина со консoлидант Nano Estel и обработка на горната површина од каменот и контактот со вертикалната ѕидна површина од лунетата со смеса од консолидантот и фино истолчена камена прашина од истиот камен.
б/ кај каменот со врежан натпис на јужната страна од припратата, поради високиот степен на раслојување/одвојување на површината во долниот појас, се изврши многу внимателен третман со контролирани постапки од аспект на чистење, исполнување на внатрешната празнина и завршна обработка за затворање на потегот долж контурното раслојување на камената површина.





