Известување за извршени стручни увиди на територија на општините Куманово, Старо Нагоричане и Ранковце
Во периодот септември – октомври 2025 година, стручниот тим на Националниот конзерваторски центар – Скопје спроведе Стручни увиди во состојбата на регистрираните и евидентираните недвижни културни добра и недвижност по намена на територијата на Општина Куманово, Општина Старо Нагоричане и Општина Ранковце. Станува збор на културни добра во општините, кои се наоѓаат во територијална надлежност на установата.
Активностите беа насочени кон согледување на актуелната состојба на недвижните културни добра, степенот на зачуваност и потребите за натамошни мерки, грижа и заштита, со цел обезбедување континуитет во зачувувањето на културното наследство на регионот.
Стручниот тим го сочинуваат:
- д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, конзерватор советник, раководител на стручниот тим
- м-р Невенка Величковска, сликар, конзерватор советник, член
- м-р Владо Муковски, сликар, конзерватор советник, член
- д-р Мишко Тутковски, историчар на уметноста, советник документатор, член
- м-р Луиза Невзати, дип. арх. инж., виш конзерватор, член
- Игор Кузмановски, дипл. арх. инж., конзерватор, член
- Елеонора Панзова, сликар, конзерватор, приправник
Главни задачи на стручниот тим беа: извршување теренски увид во состојбата на заштитените и евидентираните недвижни добра и недвижност по намена; документирање на затекнатата состојба на зачуваност на поединечните добра од архитектонско-конструктивен и уметнички аспект; евидентирање на настанатите промени и евентуални штети, особено од актуелните пожари; изработка на поединечни извештаи и на интегрален извештај со придружна фотодокументација.
Овие стручни активности се реализирани во рамки на Годишната програма за работа за 2025 година на Националниот конзерваторски центар – Скопје, финансирана од Министерството за култура и туризам.
Националниот конзерваторски центар – Скопје упатува искрена благодарност до Неговото високопреосвештенство, Митрополитот кумановски и осоговски г. д-р Григориј за дадените согласности, соработката, достапноста на храмовите и срдечниот прием.
Со овие активности, НКЦ – Скопје ја продолжува својата мисија за документирање, заштита и промовирање на културното наследство како живо сведоштво на духовниот и уметничкиот континуитет на нашата култура.
Подготвила: д-р Јехона Спахиу Јанчевска
Фотографии: Јехона Спахиу Јанчевска, Мишко Тутковски, Невенка Величковска