Учество на Меѓународен симпозиум на византолози НИШ И ВИЗАНТИЈА XXIV во Ниш, Р Србија

Во периодот од 3 до 5 јуни 2025 година, во Ниш, Р Србија се одржа Меѓународниот симпозиум на византолози НИШ И ВИЗАНТИЈА XXIV, на тема „1700 години по Првиот вселенски собор во Никеја: 325–2025“.

Организатори на симпозиумот се Градот Ниш со Универзитетот во Ниш, а коорганизатори се Православната eпархија на Ниш и Културниот центар на Ниш. Настанот се одржува во рамките на одбележувањето на празникот на светите цар Константин и царицата Елена, при што се нагласува фактот дека св. цар Константин е роден токму во Ниш. На симпозиумот учествуваат еминентни домашни и меѓународни истражувачи, кои се занимаваат со историјата на уметноста и цивилизациските придобивки на византискиот и поствизантискиот свет. Тоа подразбира присуство на историчари на уметноста, историчари, археолози, класични филолози, теолози, архитекти, филозофи и историчари на книжевноста, чие поле на интерес е поврзано со Ниш, просторот на Балканот и Европа.

Годинава се одбележуваат 1700 години од одржувањето на Првиот вселенски собор во Никеја. Оттука, симпозиумот беше насочен кон научно согледување на влијанието на заклучоците донесени на Никејскиот собор врз сите аспекти од животот на христијаните, од теологијата и уметноста до политиката, како и кон процена на тоа во колкава мера и на кој начин христијанскиот свет се променил од 325 година до денес.

На симпозиумот зеде учество и д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста, советник конзерватор – стручен работник за уметничко наследство од византискиот и поствизантискиот период (IX–XVIII век) во Одделението за уметничко наследство, Сектор за истражување и конзерваторско проектирање на недвижно културно наследство во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. Таа се претстави со темата: “Exploring the Wall Paintings of St. Demetrius Church in Trebino: Artistic Insights and Conservation Concerns”. Станува збор за недвижно културно наследство под надлежност на НУ НКЦ – Скопје. Во излагањето беа претставени историјатот на црквата, нејзиниот архитектонски тип, сликарската програма, стилските карактеристики, како и постојната состојба на храмот, со посебен акцент на ѕидното сликарство. Презентацијата ги истакна предизвиците поврзани со актуелната состојба на ѕидното сликарство, предлагајќи можни насоки за понатамошни истражувања и конзервација. Целта не е само да се продлабочи разбирањето на регионалните уметнички практики, туку и да се придонесе кон зачувување на културното наследство на овој регион.

Во рамките на конференцијата, Спахиу Јанчевска имаше и улога на модератор на една од сесиите, со што даде свој дополнителен придонес кон високото професионално ниво на овогодинешниот меѓународен симпозиум.

 

3

Image 2 of 9

You may also like...