Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го посети Националниот конзерваторски центар
Националниот конзерваторски центар ќе биде опремен со два нови апарата кои наскоро ќе бидат ставени во функција, обезбедени се од Владата на РМ и ќе се користат во лабораторијата за физичко-хемиски испитувања на културното наследство. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Националниот конзерваторски центар каде за време на работната средба со директорот на оваа национална установа Мемет Селмани, констатираа дека плановите се реализираат според динамиката. Преку Министерството за култура за оваа година се обезбедени средства за над 40 проекти за конзервација и реставрација на верски објекти, санација на фасади и активности на локалитети информираше министерката за култура.
– НУ Национален конзерваторски центар е значајна институција бидејќи е матична за заштита на културното наследство на целата територија на Република Македонија. Можеби многу работи што таа ги реализира не се видливи, но се многу значајни за заштитата на културното наследство. Министерството за култура континуирано финансиски ги поддржува проектите на Центарот, кои се однесуваат на непосредна превенција, заштита, презентација, валоризација и ревалоризација на недвижното културно наследство“, рече Канческа-Милевска.
Покрај од буџетот од државата, некои проекти се реализираат и со странски грантови. До октомври треба да заврши реставрацијата на фасадата на Шарена џамија во Тетово со средства од Амбасадата на САД, а со грант од Советот на Европа е почнат проектот за комплексот Старо Нагоричане. Како што истакна министерката за култура, Националниот конзерваторски центар ќе биде опремен и со два нови апарата кои наскоро ќе бидат ставени во функција. Апаратите се обезбедени се од Програмата на Владата на РМ за опремување на лабаратории во државните институции и ќе се користат во лабораторијата за физичко-хемиски испитувања на културното наследство. Директорот Селмани рече дека НКЦ има специјализирани ателјеа за конзеврација на фрески, мозаици, икони и дрвена пластика и дека имаат малку стручен кадар кој очекува да биде обновен, зашто постојниот заминува во пензија. – Ќе се потрудиме со поддршка на Владата да се обезбедат лица за вакви специфични струки за ателјеата да функционираат без застој. И како Министерство за култура ќе се потрудиме да се дадат вработувања за да не згаснат овие дејности, рече Канческа-Милевска.