За нас

Специфичната географска положба на Република Македонија овозможила низ овие простори да поминуваат разни народи, а со тоа и да оставаат бројни цивилизациски и културни вредности. Таа е во центарот на Балканот, кој претставуваа врска меѓу Европа и Азија – два континента со кои во голем дел е поврзана историјата на старите народи. Низ Македонија минувале важни комуникации што го поврзувале Истокот и Западот, каде се судирале различни погледи на животот и светот, каде што се раѓале нови идеи. Големиот број на споменици на територијата на Република Македонија, со своето богатство го претставуваат континуитетот на борбата на еден народ кој низ вековите успеал да се одржи, но и да ги зачува својата традиција и култура. Сите тие споменици се непресушен извор за нашата историја.

01_Sarazgrada_small

Пред шест децении, со посебна владина уредба од 12 февруари 1949 година, била основана првата стручна институција од областа на заштитата на спомениците на културата, наречена – Централен завод за заштита на културните споменици и природните реткости на Народна Република Македонија, со седиште во Скопје. Притоа, основачкиот акт бил донесен врз основа на Законот за заштита на спомениците на културата и природните реткости од 31 март 1948 година, со кој било предвидено основање и на други заводи за заштита, за одредени подрачја во Републиката, и тоа за двете дејности заедно или одделно за секоја од нив. Во таа смисла, Централниот завод бил основан како една единствена матична институција за двете допирни области, со статус на орган за заштита од типот – управна установа, во рамките на која било обединето вршењето на управно-правните и стручно-научните функции за заштита на двете категории добра (спомениците на културата и природните реткости). Основањето на Централниот завод било во функција на имплементација на тогашниот матичен закон, со оглед дека без една таква институција Републиката не можела да ги остварува своите надлежности во предметните области. Оттаму, чинот на неговото основање го означува почетокот на институционалното организирање и професионалното вршење на заштитната дејност на територијата на Републиката, а истовремено ја предочува и решеноста на државата да се зафати со потемелно, систематско и практично остварување на нејзините функции во една, за неа сосема нова област на дејствување.

Централниот завод почнал со работа неколку месеци по донесувањето на основачкиот акт, откако биле создадени неопходните услови за тоа (месец август 1949). Во тоа време, главен проблем било немањето на соодветен стручен кадар, па новата институција започнала да работи само со 4 лица. Покрај тоа, во првите неколку години, Централниот завод немал речиси никакви технички услови за работа. Сé на сé, неговите почетоци биле во знакот на голем расчекор меѓу потребите и можностите, со оглед дека требало да извршува исклучително важни задачи, а тоа да го прави во значително отежнати услови. Меѓутоа, дури и во такви околности, пристапувајќи со голем ентузијазам и пожртвуваност, како и со свест за мисијата што му била доверена и со чувство на одговорност за нејзиниот успех, малиот колектив на Заводот се зафатил со решавање на бројни стручни и други проблеми, што ги надминувале неговите можности.Црква Света Софија – Охрид X век конзервација и реставрација 1951-1958 година Главна преокупација на Централниот завод била непосредната заштита на најзначајните објекти и предмети. Во таа смисла, во периодот 1949-1960 година,

Заводот интервенирал на 95 објекти од различен вид и период на настанување, при што, на 65 објекти била извршена превентивна заштита, а на 30 објекти – обемни конзерваторско-реставраторски работи. Неговите први конзерваторски искуства се поврзани со комплексот Куршумли ан и црквата св. Спас во Скопје, а најголемите резултати и професионални предизвици – со конзерваторските зафати на архитектурата и живописот на црквата св. Софија, чистењето на фреските во црквата св. Богородица Перивлепта и конзервацијата на Охридската збирка на икони.

Во 1956 година, Заводот ја започнал и акцијата за систематска евиденција на иконите настанати до крајот на ХVII век, а во периодот 1950-1960 година извршил валоризација и донел акти за заштита на 387 најзначајни објекти и локалитети. Во 1955 година била востановена едицијата Културно – историско наследство на Македонија, во рамките на која биле издадени 4 посебни публикации и првиот број на стручното списание – Културно наследство (1959). Зградата на заводот во Ѓорче Петров Во 1960 година, со тогашниот матичен закон, Централниот завод добил нов назив – Републички завод за заштита на спомениците на културата и статус на самостојна установа од областа на културата, со својство на правно лице, која врши дејност од посебен општествен интерес. Наедно, тогаш биле направени и крупни концепциски промени во поглед на надлежностите на Заводот.

Така, вршењето на работите од областа на заштитата на природните реткости и од областа на конзервацијата и реставрацијата на спомениците на културата, на Републичкиот завод му било оставено само како преодно законско решение до основањето на посебни заводи за тоа. Од друга страна, во рамките на неговата основна дејност – заштита на спомениците на културата, било направено разграничување меѓу неговите матични функции и функциите на надлежен општински завод за подрачјата на општините во кои не се основани такви заводи.

Следствено, работите од областа на заштитата на природните реткости беа дел од неговите надлежности до 1981 година, кога од неговиот состав беше издвоена новооснованата институција – Републички завод за заштита на природните реткости. Истовремено, во 1981 година беше основан и Републичкиот завод за конзервација и реставрација, кој пак, во 1985 година беше укинат, односно припоен кон Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Независно од тоа во периодот 1961-1981 година се одвиваше и процесот на основање на локалните заводи за заштита на спомениците на културата во Охрид (1961), Скопје (1963), Битола (1975), Штип (1978), Струмица (1978) и Прилеп (1981), односно процесот на намалување на територијалната надлежност на Републичкиот завод. Така, во периодот 1981-1995, Заводот беше надлежен за подрачјето на 24 од вкупно 34 општини, а со промените на територијалната организација на државата и зголемувањето на бројот на општините, во периодот 1995-2004 година, наеднаш, Заводот стана надлежен за подрачјето на 111 од 123 општини во Републиката. Притоа, наведените промени, делумно поттикнати и од самиот Републички завод, на одреден начин, имаа директен одраз не само во поглед на организацијата на работата туку и во поглед на целокупното негово дејствување во периодот 1961-2004 година. Манастир Св.Гаврил Лесновски, с.Лесново, Пробиштип XIV векПаралелно со наведените промени, за развојот на Републичкиот завод се карактеристични уште и 4-те промени на неговото седиште, а во тие рамки и решавањето на прашањето за работниот простор.

Клучен белег на развојот, сепак, е зголемувањето на бројот на вработените (91 лице на крајот од 2004 година) и вложувањето во стручното усовршување на кадарот по одделни специјалности. Сумарните показатели за работењето на Републичкиот завод предочуваат дека во периодот 1961-2004 година: со заштитната евиденција се опфатени 12.567 недвижни добра и 23.372 икони; статусот споменик на културата е утврден на 468 објекти и локалитети; со регистрацијата се опфатени 1210 недвижни споменици на културата и 103 јавни и приватни збирки со над 8.000 предмети; во планотеката е прибрана и обработена комплетна техничка документација за 1005 објекти и локалитети со околу 10.000 планотечни единици; по основ на превентивна археологија се реализирани над 100 акции за заштитни ископувања и истражувања на загрозени локалитети; во периодот 1981-1988 година се реализирани 10 научно-истражувачки проекти; за 380 објекти се изработени над 500 конзерваторски проекти; конзерваторско-реставраторски работи од поголем обем се изведени на 36 археолошки локалитети, 125 верски објекти и 64 профани објекти или вкупно 225 објекти и локалитети, како и на над 1800 икони, крстови, царски двери, предмети во резба, плаштеници, слики и други движни добра; издавачката продукција опфаќа 70 публикации, од кои 56 изданија во рамките на едицијата и 14 вон едицијата, а во рамките на едицијата 28 броја на списанието “Културно наследство” и 28 посебни публикации; стручните лица на Заводот настапиле со свои трудови на над 300 научни и стручни собири во земјата и странство; успешна меѓународна соработка е остварувана со повеќе меѓународни организации и со сродни институции од над 30 земји во светот итн. Според Законот за заштита на културното наследство од 2004 година, што се применува од 1 јануари 2005 година, Републичкиот завод продолжува со работа како национална установа од областа на културата, со нов назив – Национален конзерваторски центар (НКЦ) и со променети надлежности. Негова основна дејност е заштитата на недвижното културно наследство, што вклучува вршење на зајакнати матични функции и функции на надлежен конзерваторски центар за подрачјето на 36 од вкупно 84 општини во Републиката. Притоа, НКЦ е ослободен од вршењето на управните надлежности и одредени стручни работи во врска со нив што, како јавни овластувања, му се доверени на новиот орган во состав на Министерството за култура – Управата за заштита на културното наследство (основана во 2004 година).

НКЦ има 65 вработени лица на неопределено време, од различни струки и специјалности, од кои 47 се носители на неговата основна дејност. Неговиот кадровски потенцијал е таков што може со успех да ги извршува доверените надлежности и приоритетни задачи. Меѓутоа, тоа не ја исклучува ниту ја намалува потребата од зголемување на бројот на вработените и коплетирање на стручниот кадар.

Во согласност со новите споменички прописи, НКЦ има реализирано: валоризација на 10 и ревалоризација на 34 објекти, целини и локалитети (со изработка на соодветни елаборати и предлози за донесување на акти за заштита, промена и престанок на заштитата); 9 заштитно-конзерваторски основи за потребите на 1 регионален просторен план, 2 генерални, 5 детални и 1 урбанистички план за село; изработка на над 120 конзерваторски проекти, првенствено од областа на архитектурата, фреско-живописот и иконописот; стручна контрола на 118 конзерваторски проекти изработени од други субјекти; конзерваторски надзор на 64 објекти каде работите ги изведуваат други установи за заштита; непосредна заштита на 26 објекти и локалитети и на над 180 икони, иконостасни крстови, царски двери и други движни добра; издавање на 5 публикации; учество на над 50 национални и меѓународни собири во земјата и странство.

Покрај тоа, НКЦ има воспоставено активна соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од Виена, Европската агенција за реконструкција, Советот на Европа и Светскиот фонд за споменици, како и соработка со повеќе сродни институции од Турција, Италија, Грција, Албанија, Словенија, Хрватска и САД. Во таа смисла, меѓу другото, НКЦ бил корисник на донации од Турција, САД, Италија и Европската унија, а набргу, за потребите на централната хемиска лабораторија треба да добие и софистицирана опрема од Меѓународната агенција за атомска енергија. Гледано во целина, во изминатите шест децении, матичната установа во споменичката дејност остварила евидентни резултати, видливи не само на теренот, туку и во публикуваните трудови на нејзините стручњаци и на плејада учени кои ги користеле нејзините бази на податоци и документацијата создадена од неа. За нејзината мисија сведочи и растежот на националната служба за заштита на културното наследство, особено етаблирањето на конзерваторската струка и развојот на протектолошката мисла во Републиката, како и сензибилизацијата на јавноста поттикнувана од неа. Во таа смисла, досегашните резултати претставуваат не само сведоштво за упешното вршење на доверената мисија туку и своевиден залог за иднината на националното културно наследство. Всушност, како и досега, оваа матична институција продолжува да ја остварува мисијата на пазач на старините.

Специфичната географска положба на Република Македонија овозможила низ овие простори да поминуваат разни народи, а со тоа и да оставаат бројни цивилизациски и културни вредности. Таа е во центарот на Балканот, кој претставуваа врска меѓу Европа и Азија – два континента со кои во голем дел е поврзана историјата на старите народи. Низ Македонија минувале важни комуникации што го поврзувале Истокот и Западот, каде се судирале различни погледи на животот и светот, каде што се раѓале нови идеи. Големиот број на споменици на територијата на Република Македонија, со своето богатство го претставуваат континуитетот на борбата на еден народ кој низ вековите успеал да се одржи, но и да ги зачува својата традиција и култура. Сите тие споменици се непресушен извор за нашата историја.